В четврток, во 12 часот во Дом на млади – Штип, сликарот и графичар Дарко Аницин ќе ги претстави најновите дела на изложба насловена како „Авторефлексија низ игра“ на Дарко Аницин, „Играме додека создаваме”.
Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски”, потоа на факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” Скопје.
Својата креативност над 15 години најчесто ја изразува преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност. Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес.
Тој има современ, специфичен стил на творење, со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз. Аницин е роден 1977 година во Скопје.
„Ова ликовно истражување е насочено кон претставување на нелингвистичката природа на емотивните интеракции и објаснување на нивната функционалност во емотивните светови на авторот, преку ликовната игра како главен инструмент. Дали создавањето е авторефлексија, дали е и игра која сме ја научиле за да продолжиме да авторефлексираме и и да си играме и како возрасни? Дали вака, низ авторефлексивно создавање, зрело играме и се пресоздаваме? Материјализацијата на моите дела, создадени и поттиканти од авторефлексивните доживувања, низ игра на создавање, ги отсликуваат моите, авторски но и личносни трансформативни процеси“, вели Аницин за своите дела.