Очекувам јавно извинување за ширење лажни вести. ИНТЕГРА, ниту јас Љупчо Ристовски било кога сме креирале портал за анкета со слично име на вашето…Погледнете поубаво…тој Љупчо Ристески е од Прилеп и е сосема друга особа, напиша професорот Љупчо Ристовски во демант испртен до медиумите.
„Очекувам веднаш да биде повлечена лажната вест и да објавите јавно извинување до ИНТЕГРА и претседателот Љупчо Ристовски“, се наведува во дематот.
Ристовски во телефонски разговор за ФРОНТЛАЈН побара извинување од сите кои го извалкале името на ИНТЕГРА и неговата личност.
Во текот на вчерашниот ден, на социјалните мрежи се појави анкета со домен www.rejting.mk. На својот Фејбук профил, директорот на Агенцијата Рејтинг, Никола Спасов, објави дека анкетата не е нивна, бидејќи нивниот домен е rating.mk . Во првичната објава се наведуваше дека најверојатно се работи за анкета на професорот Љупчо Ристовски од партијата Интегра – Македонска конзервативна партија.
– Активно се споделува онлајн анкета која е поставена на доменот www.rejting.mk кој асоцира на тоа дека ја спроведува мојата „Агенција Рејтинг“. Не станува збор за наша анкета и агенцијата не е поврзана со ова. Нашиот домен е www.rating.mk Според она што пишува на самиот сајт кој прави забуна, станува збор за интернет анкети кои се прават на случаен избор на испитаници (посетители на сајтот), а самите резултати не се репрезентативни. https://rejting.mk/anketa/“ – пишуваше во првичниот ФБ статус на Спасов.
Спасов во телефонски разговор за ФРОНТЛАЈН.МК изјави дека станува збор за забуна.
„Станува збор за забуна. Иако го најдовме вистинскиот корисник, тој не се одважи да признае дека тој ја објавил анкетата. Ние се извинуваме на Љупчо Ристовски од ИНТЕГРА за забуната“, изјави Спасов.
Инаку, според МКHOST Регистарот, спорната анкета е на извесен Љупчо Ристески од Прилеп. ФРОНТЛАЈН се одбиде да стапи во контакт со него, но објавениот број беше непостоечки.
И.Т.З.