Mинистерството за правда подготвува нов Предлог-закон за јавното обвинителство, кој наскоро треба да биде доставен во Влада, а потоа и до Собранието. Како што посочија од Министерството за правда, со ова законско решение, меѓу другото се определува кој ги презема надлежностите на СЈО и материјалите од незаконското следење на комуникациите, објави 360 степени.
Надлежностите на СЈО, како што предвидува Предлог-законот треба да ги преземе Обвинителството за организиран криминал и корупција, со што тоа ќе биде надлежно за гонење на висока корупција. Со ова обвинителство во моментов раководи Вилма Русковска. Новото законско решение предвидува обвинителите од СЈО да продолжат да постапуваат по истите предмети кои се предадени Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, што значи дека продолжуваат сите предистраги и истраги што ги започнало СЈО, посочуваат од Министерството за правда.
Во Предлог – законот се предвидува државното Јавно обвинителство да ги чува снимките од незаконското прислушкување односно т.н. „бомби“, кои не се предадени како докази во судовите. Предвидено е, како што информираат, по истекот на три години од правосилното завршување на постапките, тие материјали да бидат уништени согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно со закон, а записниците за уништувањето да се доставуваат до државниот јавен обвинител.
„Сериозно ги сфаќаме пораките дека потребен е нов закон за јавно обвинителство за продолжување на евроинтегративните процеси“, велат од Министерството за правда.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски денеска изјави дека имајќи предвид дека законот се очекува да биде предложен од Владата, тој ќе ја има поддршката од сите коалициски партнери односно и од ДУИ. Убеден е дека во Собранието ќе има двотретинско мнозинство за да биде донесен.
Целиот текст можете да го прочитате на 360 степени.