Ќе донесам правда. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање на собирот „Обновата доаѓа“ којшто попладнево се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.
„Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кои се таму затоа што ја сакаат Македонија. Не смееме да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние политичари кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои ни се појавуваат во општеството како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Доста е! Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна и единствена и безмилосна. Мора да биде така, да се избориме за правда, затоа што ќе немаме друга шанса“, рече Мицкоски.
Тој даде ветување дека ќе реализира многу капитални инвестиции и дека ќе вложи милијарда евра во борбата протива аерозагадувањето.
„Ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во четиригодишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку од 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти, не бројки на хартија. Реализирани, осмислени, испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани. Се обврзувам и ви ветувам дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во својот мандат ќе испорача проекти во вредностпреку странски инвестиции и домашни инвестиции во вредност не помала од 4 милијарди евра. Се обврзувам овде пред вас, рече тој.