Легендарниот витез Дон Кихот и неговиот придружник Санчо Панса „пристигнаа“ во Скопје. Според сведоштва на граѓани, двајцата ликови од „Дон Кихот од Ла Манча“ биле забележани на неколку препознатливи локации во главниот град – Скопското Кале, Старата скопска чаршија, Националната опера и балет, Камениот мост и плоштадот „Македонија“.
Амбасадата на Шпанија ја потврди оваа креативна кампања, која се совпадна со одбележувањето на Националниот ден на Шпанија – 12 октомври.
Во таа насока, од амбасадата упатија покана до јавноста за мултимедијалниот настан „Дон Кихот во Скопје“, што ќе се одржи на 21 октомври во Националната опера и балет.
Настанот ќе биде последна можност граѓаните да ги „сретнат“ Дон Кихот и Санчо Панса пред нивното симболично заминување од градот.








