пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Просто е неверојатно со која леснотија нашите политички партии, кај претседателот на државата, во времето кога таа го чека датумот за почеток на преговорите со ЕУ, со договорот за предвремените парламентарни, практично се договорија да ја пуштат земјава низ вода.
Ако одлуката за предвремени падна само половина година пред редовните, тогаш тие воопшто не би можеле да се третираат за предвремени. Туку, во најмала рака, за одложно предвремени. За избори со задршка.
Па тогаш, која е воопшто целта на едни такви избори? На еден таков долг и мачен предизборен период во кој ништо на арно во државата ниту ќе се случува, ниту ќе може да се случува. Не само што целата јавност е веќе навлечена на изборната забава, не само што целата политичка енергија е насочена во една непродуктивна насока и што партиите го почнаа своето предизборно шоу, туку трауматичното е и во фактот што оваа предизборна атмосфера, која е сѐ уште далеку од својата кулминација, веќе неутрализира секакви реформски активности. И тоа, почнувајќи од министерствата, па сѐ до најситните државни институции.
Во еден ваков амбиент, наместо мотиви, наместо пориви за реформи, за освојување макар по нешто од посакуваните европски вредности, полека нараснува амбиент на бурни политички битки, ама и амбиент на целосна институционална зачмаеност.
Ова, не само до изборите туку, како се насетуваат и изборните резултати, уште побаеги денови потоа. Постизборното најверојатно ќе биде време на беспоштедни меѓупартиски битки за позиции. Ама и време на повторно нагласена стагнација на државата и особено изгубено време за нејзините граѓани.
Ние не сме ниту Данска ниту Шведска, па ниту приближно, на пример, една Словенија. Тие држави и општества, под притисок на тамошните граѓански активизми и благодарејќи на високата демократска свест, одамна ја надминаа партизираноста на своите институции. Ги оспособија и го осамостоија нивното од партиите независно функционирање. Тие и можат да си дозволат нивните политички партии да си се играат избори кога сакаат и колку што сакаат. Државите ќе им функционираат и без влада и без премиер и без министри независно и од изборите и од партиите. Таму институциите си ја туркаат работата согласно законите и процедурите без да чекаат инструкции од патриските штабови. Благодарејќи на таквите придобивки, не трпат ниту државата ниту граѓаните.
Ние, ние немаме простор за таков изборен луксуз. Нас нѐ чекаат реформи и докажување пред Унијата. Но, наместо реформи, на пролет на Брисел ќе му испорачаме само предвремени. Практично, едно големо ништо.
И наместо во реформска барем трета, четврта, партиите со овие избори, нивната нели Македонија, ја ставија во лер.
И сега, не само што е веќе во лер, туку, до април, ем ќe е во лер, ем ќе e на удолнина.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.