од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Избори на 12-ти април ќе има ама и не мора. Mоже и да нема. Партијата што силно ги бараше е во голема криза. Со првите тотални кадровски промашувања за привремената стодневна влада, ВМРО-ДПМНЕ се соочи со сопствената неспособност да преземе власт и да води држава.
Дури без намера за некаква амнестија или за некаков првичен вознес од ненадејните министерски фотелји, вмровските министри наместо како шефови на значајни ресори да манифестираат подготвеност за соработка, тие за само ден, два сред зима истресоа толку зелени што на самиот нивен министерски старт ги урнисаа сите надежи дека оваа партија може бргу да се ослободи од своите нихилистичко пропагандистички манири.
На пржинските министри на ВМРО-ДПМНЕ сега јавноста им се потсмева. Во пресрет на изборната кампања, очигледно под дикат на партиската доктрина, наместо со внимателни, конструктивни и кооперативни понуди за решенија, се истрчаа, се нафрлија со празни пропагандни флоскули. Уште не го ни загреаја своето министерско столче, а работно, политички и човечки се потрошија за функцијата за која партијата ги испрати во владата.
Се покажа дека до догледно време ДПМНЕ е неподготвена, неспособна да го преземе водството во управување со државата. Се потврдува дека ова предизборие практично ќе биде засекогаш изгубено реформско време. Дека за жал или за среќа, во периодов нема политичка алтернатива и дека изборите се избрзана одлука за сите партиски играчи и посебно за иницијаторите.
Но не е предоцна ВМРО-ДПМНЕ да си ја поправи грешката. Да се обиде елегантно да се извлече од кошмарот во кој го втурна нејзиното актуелно и очигледно недозреано партиско водство.
Додека парламентот е сѐ уште жив и додека за априлските избори сѐ уште нема формална одлука, институционалната и процедурална формула е во оставки на пржинските министри. Во гласање на нова влада, во враќање на старите премиерска и министерски позиции. Сѐ до изборите редовни во наредната зима.
Секако, барем засега, ова звучи по малку нереално и по многу дрско. Додатно, за партијата би било тоа по малку непријатно и по многу понижувачко.
Па сепак, токму за неа епилогот би бил многу попродуктивен. Би бил тој пореална шанса за рехабилитација на редовните отколку извесното фијаско на предвремените.
Затоа, наместо на избори, сега ајде рикверц.