На денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека Министерството за транспорт и врски, 2019 година ја заврши успешно во реализација на капиталните проекти, дека имале одлична година во која се реализирани бројни проекти во делот на Гасификацијата и Железницата, комуналната инфраструктура, авиосообраќајот како и други проекти за подобрување на транспортниот систем во државата.
Годината ја завршивме со 86 проценти реализација на капиталните инвестиции, истакна Сугарески и рече дека е одлична работа или по сектори:
Гасификација 94 %
Железница 82 %
Комуннална инфраструктура 63 %
Социјални станови 100 %.
Овие резултати ни даваат дополнителен стимул, потенцира Сугарески и додаде дека и оваа 2020 година ќе се работи уште повеќе, независно од изборниот процес, се со цел да се надминат и овие бројки и повторно овој сектор да забележи одлични резултати во изградба на инфраструктурата во државата.
На денешната прес-конференција министерот Сугарески презентираше дел од проектите што ќе се работат оваа година.
Реализацијата на сите тие проекти заеднички ќе приднесат за подобрување на економијата во државата, подобрување на условите за живот за граѓаните и тоа што е многу значајно е за развој на општините. Еден од најзначајните проекти што ќе ги работиме оваа година е проектот за поврзување на локални патишта, односно изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри.
Проектот предвидува, инвестиции во рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини низ државата, вклучувајќи ги и општините во Градот Скопје, што подразбира дека Министерството за транспорт и врски, односно Владата директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку рехабилитација на улици и патишта во сите општини.
Овој проект е прозивод на посветената работа на вработените во Министерството во претходната година и проект што дирекно ќе се реализира преку ова министерство, истакна Сугарески.
Сугарески нагласи и дека во неколку успешни пилот општини ќе се имплементираат мали проекти кои се однесуваат на подобрување на безбедноста, на мобилноста и превозот на пример: градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места. Понатаму изградба на пешачки патеки, велосипедски патеки, урбана опрема, автобуски стојалишта, подобрување на кривини и раскрсници, воведување школски автобуси, зависно од потребите на општините.
Вкупната вредност на овој проект изнесува 70 милиони евра средства кои се обезбедени од Светска Банка, за што Собранието го изгласа Законот за задолжување, а Министерството за финансии веќе го потпиша договорот со Светска банка и средствата ни се дадени на располагање.
Секоја општина според утврдена методологија одобрена од Светска банка на располагање има одредена висина на средства и секоја општина ќе добие од 500 илјади евра до 2 милиони евра, рече Сугарески.
Министерот нагласи дека во овој период ќе се потпишат и меморандуми за соработка со општините и упати апел до сите градоначалници, што поскоро да достават проекти за да може квалитетно да се искористат средствата што им стојат на располагање и заеднички да настапат со цел да се подобри урбаното живеење во општините.
Во делот на Гасификацијата, во втората половина на оваа година преку Националани енергетски ресурси, Сугарески потенцира дека ќе се распишат јавни повици за изградба на магистралниот гасовод Велес – Свети Николе и магистралниот гасовод Гостивар – Кичево и додаде дека веќе се преговара со ЕБОР за финансирање на проектот и очекува да има позитивен одговор од нивна страна.
Тој рече дека е многу важно и тоа што оваа година ќе заврши изградбата на делниците од Неготино преку Прилеп до Битола и делницата Скопје-Тетово-Гостивар.
„Во делот на станбената политика, оваа година ќе започнеме си започнавме со изградба на социјална станбена зграда со 312 станови во општина Бутел. Договор со изведувач веќе имаме и во моментов се расчистува локацијата од постојни објекти.
Понатаму во соработка со АД за стопанисување со станбен и деловен простор се подготвуваме за изградба на социјални згради во Гевгелија, Пехчево, Виница, Свети Николе, Дебар, Сарај, Велес и Демир Капија или вкупно 320 социјални станови.
Оваа година очекуваме да заврши изградбата на двете социјални станбени згради во Пробиштип и Неготино. Новиот Правилник за распределба е веќе готов и со изградбата на становите веднаш ќе бидат распределени. ( вкупно 110 станови)
Многу важен проект на кој ќе посветиме посебно вниманите е изгардбата на Железницата кон Бугарија. Оваа година очекувам многу силно темпо за изградба и до крај на годината конечно да го завршме делот од Куманово – Бељаковце.
Исто така знаете дека во овој момент тече тендерската постапка за изградба на втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка. Има голем интерес за овој проект. 15 компании се влезени во тендерската постапка и заедно со ЕБОР се работи на евалуација на понудите. До крај на годината очекуваме да се избере изведувач и да отпочнеме со работа на терен.
Она што сакам да информирам е дека преку фондот за финансирање на проекти за Западен Балкан, одобрени ни се 2, 7 милиони евра за изградба на заедничка желеничка станица на Табановце со Република Србија.
До крај на годината очекуваме да реасопшеме и тендер за изгардба на станицата и некаде 2023 година да биде оперативна.“, истакна Сугарески
Понатаму министерот се осврна на тоа дека се продолжува со изградба и реконструкција на водоводи и канализации во општините и дека интензивно се работи, а нагласи и дека во подготовка се преку триесетина нови проекти, вредни десетина милиони евра.
За десетина дена започнуваме со изградба на канализацијата во Визбегово, потенцира Сугарески и истакна дека тоа било едно од најгласните барања на стопанствениците што работат во индустриската зона. Тој рече дека ќе се работи и на изградба на канализација во Арачиново и во Волково, во Велес, Крушево, Карбинци, Јегуновце, Охрид, Кочне, Куманово, Свети Николе, Чашка, Демир Хисар, Сарај, Старо Нагоричене и низ други општини.
Сугарески на крај уште еднаш потенцира дека независно од изброниот процес, за оваа година се планира уште посилен интензитет на градежни активности насекаде низ државата и дека се очекува тоа да доведе до повисок раст на градежништвото и економијата во целина.
Ј. Ѓ.