Еврокомесарот за проширување кој е во прва официјална посета на земјава донесе убави вести – порача дека ќе продолжи интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија.
– Ова ми е прва официјална посета надвор од ЕУ. Северна Македонија направи многу за да стане членка и го испорача историскиот преспански договор. Сакам да му честитам на премиерот за именувањето, што е мошне важен чекор дека С. Македонија е сигурен партнер за ЕУ – рече еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји по средбата со техничкиот премиер Оливер Спасовкси.
-За интеграцијата на Западен Балкан имам добри вести, таа ќе продолжи. За да го оствариме тоа, мора да ги забрзаме процесите и да ги направиме посигурни. За новата комисија проширувањето не е табу тема, тоа е приоритет. Ќе ја посветам мојата работа кон постигнување на проширувањето. С. Македонија и Албанија се подготвени за преговори, нема промена во тој став. Мора да почнеме пристапни преговори со овие две земји“, истакна Вархеји.
Еврокомесарот истакна дека имаат многу работа со премиерот и другите лидери, а со цел да се даде нов пакет со кој ќе се унапреди процесот на проширување. Тој вели дека новиот пристап мора да биде со поголема динамика, а исто така, ќе се предложи отворање пристапни преговори и тоа да почне уште пролетва.
Нотира дека постои национален консензус и се надева дека ќе трае и ќе помогне со предизвикот кој ќе следува откако ќе почнат пристапните преговори. Откако ќе бидат отворени преговорите, вели Вархеји, предизвиците за С. Македонија ќе бидат уште поголеми.
– Клучно е и спроведувањето на Преспанскиот договор без разлика која ќе биде следната влада – истакна Вархеји.
Тој откри дека побарал од Европскиот парламент да објави награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјава во искористувањето на Европските фондови истакнувајќи дека се надева дека ќе добијат зелено светло и ќе се овласти исплатата.
Во врска со ниската доверба во судството, особено по бегството на Никола Груевски во Унгарија, од која земја и доаѓа еврокомесарот, тој не сакаше да коментира и порача прашањата да се постават на унгарските власти.
– Не мислам дека Комисијата ја има поставено оваа цел, дека реформите се да се врати поранешен премиер од земја-членка на ЕУ. Се работи за национална способност, ЕУ или Комисијата немаат што да кажат по ова прашања, најдобро е ова прашање да го испратите до унгарските власти – рече тој.