Кога поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се качи на малата бина пред просториите на Државната изборна комисија на 17 декември 2016 и најави десоросоизација, тој процес веќе бил во напредна фаза. Три недели претходно, институциите почнале да го подготвуваат теренот за детални и интензивни финансиски контроли на 22 невладини организации, истражува Гоце Трпковски за Призма.
Партијата на Груевски, не била само идеолог, туку и директен поттикнувач на процесот и заедно со тогашната Државна комисија за спречување на корупцијата биле двете клучни алки во мрежата што се плетела околу критичкото граѓанско општество.
Истражувањето на БИРН открива дека операцијата што се случуваше пред и по парламентарните избори во 2016 година била координирана, политички мотивирана и вклучувала повеќе институции.
Документите до кои дојдовме и сведочењата на луѓето што биле инволвирани во процесот покажуваат дека институциите носеле одлуки во многу кратки рокови, некритички и неселективно ги прифаќале обвинувањата изнесени од партијата и ги користеле како единствен аргумент за иницирање максимални претреси на документацијата.
Државната комисија за спречување на корупцијата ја одиграла клучната улога, откако подлогата претходно ја подготвиле медиумите и ад-хок телото на АВМУ, а работата потоа во свои раце ја презеле Управата за јавни приходи, Јавното обвинителство, МВР, Финансиската полиција и подоцна Управата за финансиско разузнавање.
Овие повеќемесечни интензивни контроли врз 22 невладини организации, со кои не се најде ништо незаконско, не резултураа ниту со одговорност за нарачателите и за спроведувачите, ниту со системски измени што би спречиле по политички диктат институциите да бидат употребувани за пресметки со граѓанското општество.
Целиот текст на Трпковски за Призма, тука