Од граѓанската иницијатива „СТОП за извршители“ очекуваат Собранието да го изгласа новиот закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, кој денеска е на дневен ред на пленарна седница.
„Очекуваме да видиме какво застарување на побарувања кон доверителите ќе донесе Собранието и дали воопшто денеска ќе го донесат. Можеби ќе направат и амандмани на тој предлог, но во секој случај тоа ќе се однесува на олеснување на положбата на граѓаните. Ако има застарување „де факто“ дел од овие луѓе ќе се спасат, дел од оние 130.000 луѓе кои се блокирани“, изјави Ана Глигорова од „СТОП за извршителите“.
„Веќе има еден закон, Самка Ибраимовски го предложи за кој Владата генерално позитивно се изрази, меѓутоа тоа не значи дека пратениците ќе се изразат позитивно, па очекуваме разни мислења од страна на пратениците, можеби и некоја опструкција“, рече Глигорова за ФРОНТЛАЈН.МК.
Глигорова вели дека во земјава има тешки кривични дела поврзани со извршители.
„На пример има едно кривично дело, без извршна исправа е одземена куќа од страна на извриштелка која работи на територија на западна Македонија. …..Тоа значи дека без судски налог е одземен имот, јас не знам, во турско го немало тоа. Да дојдеш како цивил, или уште полошо како „лице со посебни овластувања“ и да му одземеш некому имот. Е тоа се извршителите“, рече Глигорова.
Како што вели Глигорова, злоуптреба правеле и нотарите бидејќи преку нив оди наплатата.
Порано тоа се одвиваше преку судот, сега преку нотарски платен налог. Нотарот ниту прави увид на долгот на доверителот, дали тој може да го плати тој долг, а повеќето се невработени или живеат во супстандардни услови. Ми се јавуваат ми велат не можеме да се одблокираме“, вели Глигорова.
Во однос на досегашните измени, Глигорова вели дека е задоволна дека во тек е Законот за отпишување на камати на долгови кон јавни претпријатија. Според неа и тоа е олеснување.
„И таа една петтина е поместување, и тоа ретроактивно го направија во Министерство за правда. Тоа е моментално олеснување, како бајпасирање“, рече Глигорова.
Според активистката, државата може да влијае да се намалат каматите на долговите кон приватните компании.
„Државата може да влијае на намалување на каматите во приватните компании, на пример во ЕВН затоа што има удел Владата. БЕГ е сосема приватна фирма, кај нив оди тешко, прилично тешко. И банките се приватни, нема државен удел и таму исто така оди прилично тешко, а таму има и скриени камати, па на крај човек си вели јас земав кредит само 1.000 евра, од каде дојдоа овие 6-7.000 евра“, смета Глигорова од „СТОП за извршители“ .
Инаку, кон крајот на минатата година, Министерството за правда предложи нов тарифник кој беше усвоен и кој предвидува наградата за извршителите да не биде поголема од 300 евра наместо досегашните 1.000 евра. Од Комората на извршители најпрво негодуваа, имаа еднодневен штрајк, а потоа претседателот на Комората, Зоран Димов за ЦИВИЛ Медиа изјави дека извршителите мора да го почитуваат законот.
„Последните измени во Законот за извршители воведуваат нови категории, со кои ќе има олеснување во извршувањето, а тоа се социјално загрозените категории. Меѓутоа, како социјално загрозена категорија со новиот закон се сметаат и луѓето што земаат просечна плата. Тоа значи дека тие ќе бидат заштитени во однос на месечните примања од досегашните 1/3 што може извршителите да зафатат, сега ќе зафатат една петина“, изјави Зоран Димов.
Измените во Закон за извршување предвидуваат, ограничувањата за извршување за лицата приматели на просечна плата и пензија да биде од една третина до една петтина.
Ивана Зафировска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска