Бизнисменот Орце Камчев побарал изземање на обвинителката Лиле Стефанова од истрагата за случајот „Империја“, a од постапување во предметот барал да се тргне и судијата на претходна постапка, Весна Димишкова.
Камчев барањата за изземање ги поднел бидејќи според него и обвинителката и судијката се вмешани во случајот „Рекет“, поради што и во текот на своето сведочење пред судот ги спомна во неколку наврати, со коментар дека според него на обвинителната клупа требало да седнат уште неколкумина обвинети. Сепак, уште пред еден месец неговите барања за одземање биле одбиени.
По барањето за изземање на обвинителката Стефанова решавала шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, а за судијката Димишкова одлучувал претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев. -Точно е дека Камчев бараше изземање на обвинителката Стефанова, но барањето му беше одбиено, изјави Русковска за „Фокус“.