ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Ревизионистите во предизборна офанзива!

Груевски си беше одличен, ама, ете, заради академскава дребулија со „спорот за името“, како резултат на американски заговор, падна од власт! А потоа храбро мораше и да побегне од земјава! Герој! Следствено, бидејќи решавањето на „спорот за името“ и не е којзнае каква голема работа за иднината на нацијата и државата, на следниве избори треба да размислиме дали да не гласаме повторно за оние кои најдобро го бранат „духот на Груевски“, а во најдобар случај, може и да ги бојкотираме изборите, бидејќи Заев не се справи како што треба со собирањето на сметот во општините и со реформите во правосудството!

January 23, 2020 11:32
in ДЕНЕС, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Да се скинеш од смеење: токму во моментот кога стартува обидот за политичка рехабилитација на Груевски – читаме и гледаме деновиве, дека тој „згрешил“ што во свое време не го решил „спорот за името“! – неговата партија, чијшто почесен претседател е самиот тој, не пропушта ден да не изјави дека, кога би дошле на власт, ако можат, би го поништиле Преспанскиот договор со кој се реши, токму, „спорот за името“!

Најновиов „пинг-понг“ околу Груевски, со многу ја-теби-војводо-ти-мени-сердаре, ја заговараат „угледни“ и „влијателни“ новинарски имиња, не знаеш кој од нив е позаинтересиран за успех на проектов: дали старите перјаници на злобната медиумска машинерија на Грујо, или најновиов „редактор“ на современата македонска историја кој, во одење, на месечно ниво менува по некој свој претходен „темелен“ став.

Прво, тоа е навреда за самиот Груевски. Тој десетте години на власт ги потроши за да нè убеди дека СУШТИНАТА на неговата искрена националистичка идеологија се потпира врз тврдењето дека промената на името е промена на македонскиот идентитет, што води до ништење на македонската нација како таква! Таа оркестрирана националистичка хистерија, која сега срамежливо ја доведуваат во прашање токму медиумските архитекти, имено, на таа хистерија, беше една од главните пропагандни полуги за владеењето на неговиот режим. Заради таа долгогодишна валкана кампања многу нивни неистомисленици платија висока цена низ секојдневни шиканирања, лична професионална, политичка и приватна загроза со најконкретни последици, од кои многумина уште не можат да се опорават.

Тоа на довчерашните „гебелсовски медиумски бригади“ на Груевски денеска тешко може да им се објасни, не само затоа што самите дебело се наплатија, туку и затоа што по падот на Груевски комотно си зборуваат, пишуваат и приходуваат во комплетна медиумска слобода, со можност за лични „интроспекции“ и наводна интелектуална „ретроспектива“, каде мислат дека ние, другиве, кои бевме „мети за отстрел“ на нивните гадотии треба, белки, и да им се извиниме што успеавме да ги преживееме нивните потерници, „црвените кругови“ со кои нè објавуваа по нивните медиуми, подметнувањето експлозиви, палењето автомобили, интензивните следења, наместените судења, сликите на жените и децата што ни ги закачуваа по емисиите во кои ни ги објавуваа и домашните адреси и оние одвратни договарања со „началниците“ што ги слушавме низ „бомбите“… Мизерија.

Второ, тоа е подмолно и кон Мицкоски. Сегашниот предводник на опозицијата доследно се труди да ја продолжи идеологијата на Груевски во својата актуелна кадровска и политичка предизборна понуда, а овие, кои му се издаваат за јавни поддржувачи и кои наоколу се закануваат дека „ќе видите после 12 април“ што ќе ни се случи, му ја оспоруваат клучната националистичка теза со која ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се врати на власт.

Трето, „влијателниве“ морални и професионални парталковци и нивниве колегијални промотори немаат храброст отворено и недвосмислено да му честитаат на Заев за политичката и личната храброст и, да, за визионерството во решавањето на „спорот за името“ (и не само за тоа!), заради што влеговме во НАТО и суштински зачекоруваме кон ЕУ; туку, онака, ситничаво, прават „кики-фрики“ обид речиси да го изедначат Заев со Груевски кој, ете, да бил само малку попаметен, „да ги послушал Американците“, денеска самиот ќе бил „Заев“…

Оти, нели, Груевски си беше одличен, ама, ете, заради академскава дребулија со „спорот за името“, како резултат на американски заговор, падна од власт! А потоа храбро мораше и да побегне од земјава! Герој!

Следствено, бидејќи решавањето на „спорот за името“ и не е којзнае каква голема работа за иднината на нацијата и државата, на следниве избори треба да размислиме дали да не гласаме повторно за оние кои најдобро го бранат „духот на Груевски“, а во најдобар случај, може и да ги бојкотираме изборите, бидејќи Заев не се справи како што треба со собирањето на сметот во општините и со реформите во правосудството!

Преку овој подмолен обид за ревизија на нашата понова историја и преку подготовката на теренот за враќање на Груевски во македонската политика, не смее да се помине туку-така. Ни оддалеку не е исцеден целиот „гној“ од неговата пропагандна машинерија. Нема помирување со „ударните игли“ на тоа режимско оружје ни овој април, а ни до април 2057 – па, макар и да им успее за некој месец да се вратат на власт.

Во таков случај, промптно, пак ќе си го покажат своето вистинско лице, какви што ги знаевме во деценијата на власта на Груевски. Околу тоа наивни или лицемерни сомневања да нема.

Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.

Next Post

О2 иницијативата бара објаснување за одложувањето на расправата за забрана за увоз на отпад во Собранието

EVN

НАЈНОВО

Анаис хороскоп, Македонија, Битола Широк Сокак

Дневен хороскоп со Анис – 15 април

April 15, 2026

Мицкоски за Груевски: Доколку се појави во Македонија, ќе оди во затвор

April 14, 2026

Мицкоски: СДСМ живее во свет на лаги и конструкции, реалноста ги демантира

April 14, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Анаис. Мо5тив, Прилеп

    Дневен хороскоп со Анаис – 14 април 2026

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Вучиќ и Маѓар за „заеднички кум“ и „Турски тек“ во вербална војна веднаш по изборите во Унгарија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Никол Кидман сака да стане „death doula“ по смртта на мајка ѝ

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски: Задоволен сум од работата на директорот на Царинската управа, историски приходи и петкратно зголемени кривични пријави

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ретка небесна атракција: Кометата C/2025 R3 видлива со голо око над македонското небо

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk