Бирото за јавна безбедност при МВР знае кои 7.000 телефонски броеви биле зачленети во затворената група под наслов „Јавна соба“ на „Телеграм“, како и тоа кој е администратор на групата, дознава ФРОНТЛАЈН. Оваа група споделувала фотографии и видео од малолетни девојчиња со интимна содржина.
Групата до моментот на нејзиното откривање броела преку 7.400 членови. Професорка од едно средно училиште дознала за групата од своите ученици и веднаш го пријавила случајот.
Според Тони Ангеловски, портпаролот на МВР, „се работи на документирање и расчистување на овој случај. Известено е и јавното обвинителство“.
„Ова е апел до сите нас, апел е и до родителите, апел и до образовните институции да имаме надзор врз своите деца и да реагираме благовремено и во семејствата и во образовните институции се со цел заеднички да допринеме да се спречуваат вакви појави“, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
„Во моментов немаме информација за пријава од родители, меѓутоа апелирам до сите родители кои имаат информација дека нивните деца биле изложени и дел од оваа група да се обратат до Центарот за социјална работа. Имаме стручни тимови кои што ќе се стават целосно на располагање,“ истакна Санела Шкријељ, заменик министерка за труд и социјална политика.