„Медо“ е кодното име на администраторот на групата на телекомуникациската апликација „Телеграм“ која викендов ја крена на нозе македонската јавност, откако беше обелоденето дека таму се споделуваат порнографски видеа и фотографии од девојки од Македонија, а дел од нив се малолетни. Групата „Јавна соба“ која броеше над 7.400 членови деновиве почна да се намалува откако МВР потврди дека ќе отвори истрага, беше преименувана во „Само за возрасни“, а потоа имаше и неуспешни обиди да биде затворена, открива А1он.
Но, таа сè уште постои и понатаму се споделуваат експлицитни фотографии од девојки, дел преземени од нивните Инстаграм профили, а за дел е евидентно дека се приватни. Целата работа излезе од контрола, па во групата веќе се споделуваат и фотографии и искуства од користење различни наркотици.
„А1он“ стапи во контакт со администраторот на групата, кој раскажа како една првично основана група со една цел, понатаму губи контрола и се претвора во друго, без можност да биде избришана. Потенцираме дека нашата редакција не го знае точното име на администраторот, но бевме сведоци на тоа како тој се обидува да ја избрише групата на „Телеграм“, но тоа е невозможно бидејќи таа е сега во рацете на членовите кои постојано и постојано постираат нови порнографски фотографии од девојки од Македонија.
„Сакавме да направиме група со видеа и забавни клипови кои во ниту еден случај не содржат порнографија. Тоа и го направивме, односно стануваше збор за група за смешни видеа и нагласивме дека е за членови кои имаат над 18 години, бидејќи сите под 18 имаат Инстаграм. Стануваше збор за приватна група која не можеш да ја најдеш преку пребарувач, освен ако некој не те додаде и тоа се уште е така. Но, еден администратор додал еден член, друг додал трет и така за два дена групата имаше речиси 500 членови, а од членовите на групата не беа барани лични податоци, бидејќи така би го прекршиле член 149 од Законот за заштита на лични податоци. Затоа решив да ја избришам групата, според точните упатства на Телеграм“, раскажува администраторот.
Тој вели дека неколку дена ја немал воопшто отворено групата, мислејќи дека истата е избришана, кога некој од членовите му пишал да избрише одредена порнографска фотографија.
„Тогаш ми прати линк од групата и видов дека таа се уште функционира и дека веќе има над 1.000 членови од кои дел постираат порнографски содржини. Повторно ја избришав, но видов дека кога ќе кликнам на линкот таа никако не се брише, си постои како ништо да не се случило, а во групата има се и сешто. Јас сметав дека кога нешто ќе избришеш е избришано, ги подесив параметрите да не се памети никаква историја, почнав да ги бришам членовите еден по еден, но сето тоа беше залудно, тие меѓусебно се додаваа и веќе бројката стигна до 5.000 членови“, вели тој.
Администраторот го избришал и неговиот „Телеграм“ акаунт, но и тоа било залудно. Кога се вклучил повторно, групата се уште била активна, бројката на членови пораснала до 7.000, а кога ќе решел да ја деактивира, групата паузирала кратко време, околу еден час, а потоа повторно се активирала.
„Не сакам и одбивам било кој да биде повреден и било чија приватност да биде загрозена. Не сакам да постои оваа група, бидејќи првичната намена воопшто не беше таква, а сега работата е излезена од контрола“, вели тој.
Од групата сега се повлечени сите администратори, па таа сега функционира буквално сама од себе и брои околу 4.700 членови.
Целиот текст на А1он.