Од компанијата „Еко клуб“, за која беше обелоденето дека несоодветно депонира медицинскиот отпад во „Дрисла“, лани стигнале нешто помалку од 5 тони медицински отпад, а годинава само во јануари речиси два тона, додека три камиони отпад бил донесен вчера, по објавувањето со скандалот, соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој заедно со министерот за животна средина, Насер Нуредини и новиот директот на „Дрисла“, Коста Начевски, ги отворија вратите на депонијата за медиумите.
Извештајот од спроведената контрола вчера на инсталацијата во Металски завод Тито за третман на медицинскиот отпад, од Државниот инспекторат за животна средина се чека, а вонредната контрола, пак, спроведена на 12 декември на „Еко клуб“ од инспекторатот, не покажала неправилности.
„Целиот овој случај го имавме на 10 декември 2019 година, на 13 декември во изјава целиот настан е пријавен во Јавното обвинителство. Градот не чекаше воопшто, а зошто нема преземено ништо треба да се упатите кон Јавното обвинителство“, изјави Шилегов во одговор на новинарско прашање при днешната посета на „Дрисла“.
https://www.facebook.com/p.shilegov/videos/176025436999460/?v=176025436999460
Медицински отпад непрописно се третирал и носел во „Дрисла“, кучиња јаделе органи и друг вид отпад, а водата истекувала во Вардар. Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, вчера обелоденија скандал со ужасна содржина која треба да го вклучи алармот на другите институции. Преку објавените видеа и фотографии јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
По денешната посета, се открија и други неправилности, но овојпат во работењето на депонијата „Дрисла“.
„Наидуваме на некои чудни работи. Луѓе коишто живеат во Австралија се воделе како вработени и им биле исплаќани плати. Работиме на тоа да ја оспособиме машинеријата, за да не изнајмуваме машини, нешто што било практика во минатото. Во соработка со новиот директор, Коста Начевски во преговори сме за набавка на нов стабилизатор, моите очекувања се дека тој би можел да биде пуштен во употреба во март годинава. Сакаме да најдеме начин и гасовите од депонијата да ги претвориме во електрична енергија. Мојата идеја е заедно со министерот, со инвестиции во овој дел и со пречистителната станица за отпадни води, „Дрисла“ да стане првата санитарна депонија во нашиот град“, рече Шилегов.
Директорот на „Дрисла“, Коста Начевски рече дека работат на тоа да ги отстранат сите сомнежи кои постојат за работењето на депонијата.
„Навлегов во суштината и проблематиката на работењето на „Дрисла“. Сите добро знаеме дека целото внимание беше свртено против „Дрисла“. Правиме дренажи, ги користам сите човечки ресурси кои ги затекнав во претпријатието. За волја на вистината, има квалитетни кадри кои што си ја вршат својата работа. Доаѓаме и до информации за работи кои што биле правени во „Дрисла“, околу начинот на третирање на отпадот, но ние ќе дадеме се од себе да ги тргнеме сомнежите за правилна работа на депонијата“ рече Начевски.
„Државниот инспекторат за животна средина врши постојано редовни и вонредни контроли на фирмите, а за конкретниот случај со транспротирање необработен медицински отпад до „Дрисла“ испратила извештај до обвинителството, на барање на оваа институција“, рече заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули денеска во одговор на новинарско прашање при посетата на градинката „Панорама-Водно“.
„Обвинителството кажува дека процесот е во услови на предистражна постапка. Сакам да уверувам дека уште на 17 декември 2019 година Државниот инспекторат за животна средина ги доставил извештаите и сите записници во текот на целата година што се правени надзорите кон обвинителството и МВР“, рече Макрадули.
Тој рече дека процесот за овој настан уште е во постапка, но доколку се најде нешто во таа компанија, тогаш никој нема да биде поштеден и ќе има санкции и мерки што се во согласност со законите во нашата држава.
На барање на Министерството за животна средина, Државниот инспекторат вчера направи вонреден увид на локацијата повторно, а за наодите од истиот јавноста ќе биде благовремено информирана.
По објавувањето на скандалот со несоодветното третирање медицински отпад, денеска со реакции се јавија повеќе партии, но и лидерот на СДСМ Зоран Заев кој порча дека нема нема да дозволат некој да профитира врз здравјето на луѓето.
Инаку, според истражувањето на ИРЛ се вели дека доминантниот сопстевник на „Еко Клуб“ Сашо Јанакиевски е поврзан со власта на ВМРО ДПМНЕ, особено со Груевски и неговиот заштитник, Виктор Орбан. Во истражувањето на ИРЛ се наведува: „ Еко Клуб“ добро се снајде при локални јавни набавки. Во текот на изминатите десет години, има освоено околу 300 тендери во Северна Македонија, во периодот кога премиер на земјата беше Никола Груевски, сојузник на Виктор Орбан, кој подоцна доби статус на азилант во Унгарија.
Биљана Богдановска