Monday, 24 February 2020

Седум дена чекам институциите да реагираат

Но, никој ни да гукне. Цела Северна Македонија се крена на задните нозе да бара одговорност од Тричковски. Освен Евреите, се разбира.

Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Го наполнив фрижидерот со сардини, паштети и кобасици.

Да ми се најдат ако решат да ме бапнат во куќен притвор.

Позајмив сто илјади евра за одбрана од сексуални напади.

Ако морам да одам во “Шутка”.

Ги депилирав нозете, рацете и срамните влакна.

Ако дојде ред да ми стават некоја алка.

Седум дена чекам институциите да реагираат.

Но, никој ни да гукне.

Цела Северна Македонија се крена на задните нозе да бара одговорност од Тричковски.

Освен Евреите, се разбира.

Но, некои идиоти, на кои им се стори дека статусот е добра прилика да се изглупираат во предизборната битка за гласови, го сторија тоа, во едно ретко видено единство, рамо до рамо и оние кои во историска смисла се потпираат на антифашизмот и оние кои колаборираа со фашизмот, ги испраќаа Евреите во Треблинка, а во поново време обезглавија еден куп споменици на антифашистичките борци и настани, потсетувајќи не и со тоа и со политиките кои ги водеа и ги водат дека тие и денеска се една мала фашистичка карикатура. Карикатура, но фашистичка.

Фашистички говна!

Антифашистите и неофашистите ги обедини борбата против мојата маленкост.

Остварено е национално единство, со зурли и тапани, врз грбот на Тричковски.

Па како да бидам скромен после еден ваков подвиг.

Дибекот од вмро и пувлето од сдсм на иста страна.

Тричковски ширел антисемитистички говор на омраза.

Тоа што Тричковски слушнал дека Мизерахи повторно јадела хумус од мртви Евреи, бил скандалозен говор на омраза и најодвратен антисемитизам.

Тоа е како да ја обвините Атиџе за антипчеличизам.

Или Кирк Даглас за антидолговечизам.

А син му за слаболибидизам.

Се надевам дека нема повторно да се крене кука и мотика.

Овие релации мене ми се чинат сосема соодветни.

Или ако кажам дека јас сум Давид, Соломон и Мојсеј во едно.

Три во еден.

Нестле.

Не за Евреите, толку претенциозен не би сакал да бидам, туку спрема една багра која не знае за што зборува, лупета, јаде говна, ужива во отсуството на памет, само затоа што на времето се регистрирале како партии.

Како може грижата за компромитација на колективната меморија на еден народ од припадничка на тој ист народ, да се толкува така наопаку.

Статусот е проеврејски.

Само Наќе реагираше.

Фала Наќе.

Да не си рода со оној Монреал.

Промптно: случајот со Фејсбук статусот на лицето Б.Т. е документиран и проследен до Јавното обвинителство.

Но, Наќе е посебна институција.

Кога ќе го направите Наќе институција или институцијата ќе му ја дадете на Наќе, вие сте ја сјебале институцијата до даска.

Како и онаа на Мизерахи.

Гледате што прави тоа мало чудовиште.

Ми личи на гуска во униформата на оберштумбенфирер во некој логор.

Нѐ згрозува и загрозува сите.

Всушност, тие што влегоа во антитричковистичката хистерија и почнаа да бараат институциите да реагираат, ги растурија сите институции, ги приватизираа и партизираа, направија од нив или од луѓето во нив свои лични сервиси. Собранието е, гледаме, лична сопственост на еден луд човек и на неговите компањони од вмро. Односно така се однесуваат. Не даваме да се донесе законот за јавното обвинителство, да се смени јавниот обвинител, да се донесе буџетот, не даваме да се смени Уставот, не даваме Собранието да функционира како државен орган, бидејќи ние сме против државата.

Е, па, ако сте ги уништиле институциите и сте против државата, како очекувате тие да реагираат. Тоа е првата претпоставка на фактот дека една недела по „скандалот” нема никаква реакција од никого. Исплукаа што исплукаа и готово. Втората претпоставка е дека институциите и луѓето во нив имаат свест за тоа дека се компромитирани и изманипулирани, можеби и корумпирани, и не би сакале да продолжи таа работа која на времето се криеше под плаштот на строгоста и дистанцата од јавноста, а денеска целиот срам е пред лицето на јавноста. Луѓето знаат дека се ближи денот кога ќе одговараат за своите антизаконски врски со идиотите од политиката. Третата претпоставка е дека тие се растурени толку многу што немаат просто сила да имаат каков и да е однос не само кон партиските и други политички нарачки, туку немаат моќ да ја процесуираат стварноста. Конечно, четвртата претпоставка е дека институциите и луѓето во нив не се толку растурени за да не можат да сфатат дека во статусот на Тричковски нема ништо казниво.

Во еден друг статус побарав извинување од сите што учествуваа во хистеријата. Во спротивно ќе морам и јас да побарам институциите да реагираат.

Мака ми е, не од нападите врз мене, јас сум изложен на таа примитивна агресија триесет години, туку поради неписмената и примитивна банализацијата и комерцијализацијата на антисемитизмот како историски феномен со страшни последици врз еврејскиот народ, од запалената маса која нема никакви критериуми, знаења и пардони, а има крупни интереси и мака ми е што глупоста во Северна Македонија не се користи како зона на диференцијацијата, туку на обединувањето.

Но, пак не ме издава оптимизмот. Се надевам дека и овој случај ќе биде искористен за освестување, за важноста разликите да се одржуваат зашто разликите не носат напред, за опасната штетност на таканаречената политичка коректност, конечно, говорот на омраза не е инструмент за политички заебанции, не е инструмент против омразата на лудоста, глупоста, примитивноста, значи не против работи што ни ги уништуваат животите. Таа омраза мора да се култивира. Не да се спречува. Да знае да го препознава злото и да се бори против него.

 


Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.

Next Post