Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана во Брисел денеска кусо ги коментираше последните случувања во Германија, подемот на екстремната десница и падот на поддршката за НАТО кај германските граѓани.
-Германија е многу посветена членка на НАТО, таа придонесува во многу мисии и колективната одбрана. Нормално е да има политички дискусии, промени на министри, на влади, тоа е природен процес, Германија е силна и посветена откако е членка на Алијансата, анкетите на јавното мислење варираат, но последните анкети што ги имаме потврдуваат дека поддршката за НАТО е силна, изјави Столтенберг.
Министрите за одбрана заедно со министерката на Северна Македонија денеска се сретнуваат за редовниот министерски состанок на Алијансата.
Една од главните теми ќе биде присуството и улогата на НАТО во Авганистан и борбата против меѓународниот тероризам.
-Ќе го поздравиме секој чекор кој води кон намалување на насилството, истовремено е важно да испратиме порака до Талибанците да покажат вистинска волја за намалување на насилството и да навлезат во кредибилни мировни преговори, изјави Столтенберг.
Тој потсети дека Германија и Норвешка нудат да го олеснат внатрешниот политички дијалог во Авганистан, тема која ќе биде на дневен ред во Алијансата и денес.
Сојузничките ќе разговараат и за Русија, посебно иднината на односите со Москва по укинувањето на нуклеарната повелба помеѓу САД и Русија.
Генералниот секретар повтори дека НАТО сака да задржи кредибилна одбрана без притоа да ја имитира Русија.
-Ќе одговориме, но нема да ја имитираме Русија во тоа што го прави, нема да распоредиме нови ракети, туку ќе воспоставиме кредибилна одбрана без нуклеарната повелба, работиме на повеќе фронтови, и конвенционални капацитети и нуклеарни, но, повторувам, нема да ја имитираме Русија, сакаме да спречиме трка во вооружување, сакаме да видиме што може да се направи за контрола на оружјето, нова трка би била опасна и скапа, изјави Столтенберг.