„Шарената револуција беше настан без преседан, мислам дека и самите ние како учесници не мислевме дека ќе има толку силен одек и толку силно влијание на општествените промени на коишто сме сега сведоци“, вели актерот Петар Арсовски во интервју за Фронтлајн.
Перо Арсовски освен што е познат актер, воедно e и истакнат критичар на политичките и општествените состојби и активист кој со своето присуство и критика во време на Шарената револуција даде значаен придонес во рушењето на режимот на Груевски.
„Шарената револуција покажа и го извади на видело мултикултурализмот во смисла дека се сретнавме сите заедно. Независно кој од која вера е, од која националност е, во решавањето на еден проблем, а тоа е уривањето на режимот на Груевски. Јас нема да заборавам слики со врзани занамиња каде наши албански соборци носеа македонски знамиња, ние носевме албански, турски знамиња. Така што, на некој начин, на јавноста ѝ покажавме дека проблемите што ги решаваме, не само преку Шарената револуција, и не само тоа, претходеа и други бунтови и протести, како што беше оној за Мартин Нешкоски“, изјави Арсовски за Фронтлајн.
Целосното интервју Фронтлајн ќе го објави утре попладне. Со Арсовски зборувавме за мултикутурализмот низ призма на Шарената револуција, влијанието на медиумите во унaпредување на толеранцијата, национализмот…
Ивана Т. Зафировска