Откако заврши дискусијата за Законот за Јавното обвинителство, претседателот на Собранието утврди дека нема доволен број пратеници во сала и даде еден час пауза пред да се гласа. Тој иронично ги повика “Фејсбук мејкерите” да ги обезбедат пратениците потребни за гласање.
По закажување на едночасовната пауза Џафери извести дека гласањето ќе остане за утре, а вечерва ќе ја започнат новата седница, а Собранието ќе заседава без прекин сè до распуштање, односно до исцрпување на дневниот ред. По паузата пратениците се вратија во пленарната сала каде прва точка на дневен ред е разрешувањето на министерката Рашел Мизрахи, а потоа и Изборниот Законик и други точки.
Во образложението на барањето, премиерот Оливер Спасовски, рече дека министерката именувана од ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребила функцијата за партиски цели.
„Поради повторувањето на ова однесување неизбежен е впечатокот дека свесно го крши Уставот и во ризик ги стави односите со соседите и евроинтеграциите. Мизрахи ја злоупотреби функцијата за партиски цели. Во Собранието се заколна дека ќе работи согласно Уставот и законите. За да ги спречам последиците, поднесов предлог да биде разрешена”, рече Спасовски.
Дискусијата е во тек, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја бранат министерката Мизрахи претежно со напади против власта, премиерот Оливер Спасовски и неговиот предходник, Зоран Заев.
А. Зеќири