Министерството за внатрешни работи вчера на итен состанок расправаше кои од петнаесетината илјади баратели треба попрво да добие пасош, зашто на располагање има само четири илјади обрасци за пасоши, пишува „Слободен печат“.
Дали граѓаните со ургентни медицински потреби, луѓето со бизниси и работни обврски во странство, гастарбајтерите вратени во Македонија само за да ја обноват истечената патна исправа, професорите и експертите со закажани меѓународни конгреси и симпозиуми, или студентите што учат на светските факултети? Дефицитот ќе ги удри по џебот и по нервите и граѓаните што уплатиле туристички патувања, зашто пасоши нема, а барањата се зголемуваат со секој следен ден. Дневно во МВР пристигнуваат 700 барања за пасош, а итната постапка за вадење патната исправа е во „мораториум“. До крајот на март пасош ќе може да добијат само избрани 4.000 граѓани, и тоа во редовна процедура.
Голем број револтирани граѓани, кои аплицирале за пасош по редовна постапка, разочарано ги напуштаат шалтерите во „пасошко“, откако службениците ги информираат дека патната исправа не им е изготвена. Дополнителен проблем е и тоа што, кога веќе еднаш граѓанинот ќе поднесе барање за пасош во редовна, тоа не може да се преиначи во „итна“ постапка.
„Пасошката криза“ настана поради тоа што снема обрасци за патната исправа навреме, а министерот Наќе Чулев и техничкиот премиер Оливер Спасовски (претходно министер во МВР) си ја префрлаат топката за тоа кој требало да ја направи нарачката. Наводно, Спасовски зел обврска да ѝ се јави на германската канцеларка Ангела Меркел за обрасците нарачани од германскиот добавувач „Веридос“ да дојдат барем 10 дена порано, односно на средината на март, објави порталот „Сакам да кажам“ повикувајќи се на изјава од техничкиот министер Наќе Чулев. Фирмата добавувач, „Веридос“ е 40 проценти во сопственост на германската држава. Според експертите, кризата со пасошите во Министерството за внатрешни работи е основа да се зголеми корупцијата во оваа институција.