СДСМ е единствена партија која има лепеза на избор за политичка соработка со албанските партии, смета лидерот на партијата Зоран Заев, кој очекува првпат да се направи предизборна коалиција со албанскиот блок.
„Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори. Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт“, изјави Зоран Заев кој денеска е во посета на Виница, пренесува Либертас.
Што се однесува на најавите од Христија Мицкоски за преземање на досегашни коалициски партнери на власта, Заев рече дека оваа партија треба да се реформира во однос на градењето на политики, ставови и стратегии, зошто во спротивно уште долго ќе остане во опозиција.