пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Како се случува луѓето да паѓаат во несвест на паролата “Никогаш северна, секогаш Македонија”!?
Каква е таа лефтерност со која не мал број Македонци дозволуваат да им биде одземена деловната способност!?
Во името на Македонија!?
Каква е таа леснотија со која дозволуваат да прават од нив имбецили на кои, една смешна банда, им ги сервира своите говна како нутела!?
Кога и Северна е Македонија како што и Републиката беше Македонија.
Како и зошто се случува Македонецот да се однесува како идиот!?
Како кога на сплав во Белград Цеца Ражњатовиќ ќе му рече :”Па, где си, бре, Македонац”, а тој вика: “Извини, Цецо, нема више Македонаца, сад смо Севеџани, како ниси чула да су нас прекрстували!?”
На што Цеца ќе му рече: “Ма не сери, Громе мој, какви северџани, који ти је курац, шта ќеш попити, оќеш ракију са македонском салатом, северџанску немамо, хахаха, ах, бре Македонац, много си ми смешан.”
Како е можно од еден простодушен, добронамерен, необично обичен, искрен, отворен, посветен, успешен човек, лично и политички успешен, ептен успешен, да се проектира Кинг-конг на злото.
Од мечето Ушко да се прави Гоѕила, а од Беласица – Монт Еверест!?
И тоа од страна на оние кои пред три години за влакно не му ја смачкаа главата во спектакуларниот државен удар со помош на истата таа хистеризирана и до даска оглупавена народна маса која и денеска мисли дека тој човек е причина што нозете им смрдат кога не се бањаат.
Се разбира, не е тешко на Заев, како личност и на неговите политики, да им се најдат милион маани и забелешки, но нив како реалитети ги затрупуваат амбициите тој да се испроектира како чудовиште.
Јас мислам дека тој пристап оди во прилог на Заев.
Односно дека политиката која би сакала да му биде алтернатива и да го собори, би морала да се базира на малите разлики, не на гласните прдежи. Мамузите од чии убоди опозицискиот коњ ќе направи убав скок, мораат да бидат нежни, а другиот брег на кањонот поблизок, а не така апокалиптично далечен и недофатен. Алтернативата на сдсм ја блокира вмро.
Парите за овој совет ги сакам во банкноти од по 50 евра, во Луј Вутон чанта.
Ако турите два милиони евра тоа ќе биде знак дека сте почнале со обнова на чесноста и разумноста.
Чуваме ли се, бе, вморони!?
Како е можно авторите на тие проекции да не разбираат дека драматичната разлика меѓу нивните конструкции и стварноста, ги разобличува нив како структура на злото и драматично ги намалува нивните шанси како политичка алтернатива, затоа што таа разлика разоткрива дека тие тоа, всушност, и не се.
Како е можно времето на најголемите дострели на тоа што вообичаено се нарекува македонско национално прашање и на Македонија како државна реализација, да се смета за најголем погром врз достоинството и идентитетот на една, во суштина, загубена нација, на нејзините членови кои со вакво поведение не го бранат идентитетот, туку покажуваат дека се флотантна маса на глуперди. Кои се родиле само за да докажат дека Историјата се заебала кога на Македонците им подарила држава.
Како е можно тој евроатлантски процес да не се регистрира како будење од мртвите, како етаблирање, како продолжено историско време, како гаранции, како нов живот…
Туку како смрт!
Па чекај, малку, бе!
Како е можно новата средба на Македонците со слободата и со епскиот напор државата да се упристои како правна категорија, да се сметаат како режим и диктатура!?
Како е можно Македонците да се натераат да се однесуваат како риби кои се жалат на поплава во аквариумот!?
Како е можно најголемото мирновременско зло во историјата на Европа, вморонското чудовиште, кое ја преврте до голо малата, мирна и скромна нација и нејзината држава, им ја уништи културата, моралот, економската и институционална основа, ги декапацитира и десубјективизира до нивото на клиничка смрт, да оди со паролата за обнова на Македонија.
Кое ниво на одлепеност, болест, лудост треба да го има човек за да оди со таква парола и какви димензии треба болеста да ја има кај оној кој тоа го слуша и вели: аха, тоа е тоа што ни треба.
Се разбира, одговорите на горните прашања се премногу лесни. Нив ќе ги најдеме и во политичката и социолошка литература, но и во македонската пракса. Станува збор за моделска проекција на непријател како фокусна точка која обезбедува мобилизација и хомогенизација на целната група. Контролата на медиумите преку кои светот влегува во домот на простиот човек, овозможува неговиот мозок да биде темелно испран. А стварноста заменета со претстава и со интерпретација на стварноста. Македонија тука престанува да биде рационална грижа и се трансформира во предмет на емоции и лични очекувања. Што е чиста контрадикција затоа што Македонија на емоциите не е можна, односно сите лични очекувања во врска со тој проект се нереални? Кон таква опција се приклонуваат злосторнички сили кои немаат друга идеја. Немаат ништо. Затоа што немаат дух, култура, искуство, потреба за нешто друго. Тие на Македонија гледаат како на плен. Како на банка што треба да се опљачка откако чуварите ќе се дискредитираат како лопови. Плус кучињата на хаосот, таа не мала кикифрики менажерија која постојано бара свежо месо.
Ало, Кикифрики, се слушаме ли!?
Дезелитизираното општество е општество без ориентири надвор од непосредната корист. Која не може да се оствари на минимум одржлив начин затоа што контекстот на користа се самоурива. Имплодира. По дефиниција. Тие кои имаат такви очекувања се обидуваат да и ги пресечат жилите на Македонија со џамчето што го откриле во своето говно.
Хахаха!
Како е можно да се нема елементарно чувство за динамиката на општествените и политички процеси. Да се бара правдата што била темелно уништена, да се воспостави веднаш. И тоа да се адресира на еден човек. Како да се бара прасето што е купено за Нова година, за Божик да израсне во дебела свиња.
Од која ќе се добијат чварки без да се коле.
Хахаха.
Говорам за помалку од една петина од гласачкото тело.
Тоа не е малку.
Ова е Татковинска војна.
Во која за победа не се потребни тенкови и ракетни системи. Не е потребно ништо друго освен чесност кон себе и одговорност кон себе, кон своето семејство и кон заедницата. Нормалност. Ништо повеќе од нормалност. Во поимањето на нештата. Но, во однос на тактиката, нивото на здравиот разум нема да биде доволен. Понудата мора да се атрактивизира, да допре и до емоциите, а не само до материјалниот статус на луѓето. Мора да се излезе од нивото на кое вмро се репродуцира како коронавирус. Ако е за тоа потребна извесна доза на одлепеност, на фина, фантастична, креативна одлепеност – молам, зошто да не!
Само уште нешто: од бизнисот, особено од крупниот бизнис, би морале појасно да се определат во однос на актерите на Татковинската војна. Јас тврдам дека нивните интереси се опасно загрозени во сите варијанти, освен во варијантата сериозен пораз на Злото.