коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Најважниот настан на 28 февруари, на 44 денови пред изборите, е ТВ дуелот на претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски.
Во првите неколку минути имаше над 3.000 гледачи на Фејсбук и стотици коментари во кои преовладуваше навивачки дух, полн со навреди и говор на омраза. Затоа, овој блиц коментар ќе го насочиме, сепак, кон омразата и црната пропаганда, пред армиите коментатори и креатори на јавното мислење да се впуштат во анализите на овој телевизиски двобој.
ЦИВИЛ соопшти дел од своите наоди од изборниот мониторинг. Продукцијата и ширењето на лажни вести, дезинформации и говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи достигна ниво на индустриски размери. Политичката кампања што ја водат одредени политички субјекти во контекст на изборите е крајно некоректна и деструктивна и претставува сериозна закана за квалитетот на изборниот процес. Што и да им значи ова на политичарите, граѓанките и граѓаните навистина трпат сериозни последици од ваквиот начин на водење кампања.
Ако се погледне во анализите на говорот на омразата, неизбежен е заклучокот дека се работи за систематска и организирана операција во која се вложени огромни финансиски и човечки ресусрси.
Дури и заканата од коронавирусот се злоупотребува во изборен контекст. Во црната кампања се оди и дотаму, што одредени индивидуи од медиумската и универзитетската сфера дури и повикуваат на етничка војна, очигледно одработувајќи во полза на одредени политички партии и центри на моќта во и надвор од земјата.
Мали се шансите министерството кое го окупира човек на режимот, да реагира соодветно на своите законски надлежности. Сепак, постојат други институции, како Јавното обвинителство, кои би можеле, колку толку, да ги ублажат последиците од организираното вербално насилство.