коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Средбата меѓу првиот човек на Движењето Беса, Билал Касами и помошникот државен секретар за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во земјава, Филип Рикер, можеби изгледа само како уште една посета на македонски политичар во најмоќната држава во светот. Така и помина во јавноста.
Но, дали е така?
Вообичаено крут и протоколарен, Касами, излезе од својата вообичаена рутина и направи видео на мобилен што го сподели на Фејсбук.
„Го информиравме амбасадорот за последните случувања и за коалицијата СДСМ-Беса како победничка коалиција. Имаше позитивна оценка од амбасадорот и сите дипломати овде во САД се за оваа коалиција, која е коалиција за иднината на Северна Македонија“, вели Касами во своето ФБ видео обраќање.
Претходно, тој со јавноста сподели уште неколку фотографии за срдечната, насмеана средба со Рикер.
Што може да значи оваа ситуација во светлина на првата предизборна коалиција меѓу партија на Албанците во Македонија и партија со доминантно членство од Македонци?
По овие срдечни средби на толку високо ниво, некои „зли“ јазици ова го прокоментираа како конечно губење на „американското тло“ под нозете на Али Ахмети. Се разбира, и приказните, а и оваа епизода од прекуокеанското патување на Касами, не мора да значат ништо особено.
Но, не би требало да помине и незабележано. Особено затоа што со години слушаме по чаршијата, а и во ходниците на владата и институциите, како партиски главучи самоуверено им раскажуваат приказни на луѓето дека Али Ахмети и неговата партија ја уживаат заштитата и поддршката од САД.