Висока функционерка на ВМРО-ДПМНЕ во име на партијата, вчера, преку извртени информации се обиде да ја лоцира одговорноста за конкретен случај на ширење на корона вирусот во земјата:
Спин: Во јавноста има информации дека Филипче знаел една недела за овој случај и не превземал никакви мерки. Недозволиво е директор на Клиника една недела да биде на своето работно место, да има контакт и со пациенти и со вработени на државната болница, а лицето да е заразено со корона вирус…
Неспособноста станува опасна за граѓаните.
Бараме веднаш неотповиклива оставка да си поднесе најодговорниот за овој случај министерот, Венко Филипче, пуленот на Зоран Заев. Оставка веднаш. Неажурноста и неподготвеноста на институциите доведоа да биде загрозено здравјето на граѓаните. За ова мора да има санкции веднаш.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Прес на Д. Стојановска – датум: 09.03.2020]
Контраспин:
Во теориските појаснувања за спинот, како своевидна потформа на дезинформациите генерално, може да се сретне дека тој секогаш е составен од полувистина, или одредена вистина донекаде, која потоа се извртува, се спинува за потоа да стане прифатлива за целите на оној што ја пласира, т.е. дезинформира за сопствен ќар. Во случајот, најголемата опозициска партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ тоа го прави неколку пати во текот на изминатите два месеца, а е поврзано со светската епидемија на корона вирусот наречен Ковид 19.
Најновиот спин го изрече високата функционерка на ВМРО-ДПМНЕ, стоматологот Дафина Стојаноска, која вешто, со пласирање на непроверена вистина, па на општи фрази што се вистина, доаѓа до спинот, дека министерот за здрваство Венко Филипче бил најодговорен за неодговорната лекарка, директор на една скопска клиника, која нанесе премногу штета на целиот здравствен систем, но и потенцијално на јавното здравје во Македонија.
Непроверената вистина што ја пласира Стојаноска се состои во тоа дека „Филипче знаел една недела за овој случај..“.
За ова нема никаква, дури ни посериозна индиција од „сигурни извори“, а камо ли потврден факт. Впрочем, тоа нема никаква врска ни со здравата логика. Зошто Филипче, да речеме, би молчел или би дозвилил такво однесување ако би знаел?
Фразите употребени под оваа непроверена и непотврдена информација се точни. „Недозволиво е директор на клиника една недела да биде на своето работно место, …а лицето да е заразено со корна вирус“ – што е точно од збор до збор. Недозволиво е.
„Неспособноста станува опасна за граѓаните“ – и оваа констатација е точна. Секоја неспособност, во случајов целосна несовесност и неспособност да се расудува рационално од страна на спомената лекарка, навистина станува опасна за граѓаните.
Но, оттука воопшто не може да се потврди и следната констатација што ја дава Стојаноска – „Бараме веднаш да си поднесе оставка најодоговорниот за овој случај…Филипче“.
Станува збор за целосно извртување на вистината, т.е спин. Сите мерки презмемни претходно и многу повеќе од некои соседни земји, а што беше потврдено и од СЗО, од директорот за Европа, за што веќе пишувавме, покажуваат дека властите во Македонија сториле се што бараат протоколите и советите од Светската здравствена организација. Набавени се навреме тестови, навреме се лоцирани и подготвени карантински центри, навреме е формиран управувачки комитет, комисија за заразни болести која работи 24 часа, навреме е алармиран Црвениот крст, навремена и добра е соработката со МВР, на граничните премини се прават анкети и проверки во рамките на можното….
И зошто Филипче би бил виновен за неодговорнста на споменатата докторка, освен ако не се смета тоа што ја поставил, ако ја поставил тој или што не ја сменил кога ја презел функцијата министер за здравство. Зошто Филипче би морал да знае дека некој здравствен работник отишол на скијање на италијанските Доломити и кога се вратил не кажал кај бил и не отседел во домашен карантин?
По оваа логика и со вакви спинови, ВМРО-ДПМНЕ би можеле да побараат оставка и одговорност од италијанскииот премиер Конте, кој не го затворил скијачкиот центар на време, а неговите институции не ги пријавиле на нашите институции сите туристи кој биле таму.
Поради погоре наведените аргументи Стојаноска и ВМРО-ДПМНЕ искажуваат спин кога станува за овој тип одговрност од Филипче, а градењето сопствена, партиска среќа преку несреќата на општеството и цивилизацијата, е етички недозволиво политичко, но и човечко однесување.
извор: Вистиномер