Во хотелот Ибис Стајл (поранешна Мала Богородица – Систина) вчеравечер се примени првите 59 лица кои во земјава влегле на Деве Баир и од Косово и е потребно да се во изолација, односно во карантин. Четворица од нив кои имале покачена температура веднаш се испратени на проверка за Ковид-19 на Инфективната клиника.
Во хотелот, како што информираат од Аџибадем Систина, се и шест полицајци кои ја обезбедуваат локацијата и 16 вработени кои работат во смени. За вработените е обезбедена заштитна опрема од Клиничката болница Аџибадем Систинa.
-Собите во хотелот се целосно опремени според барањата и потребите за згрижување граѓани кои треба да се во изолација. Клиничката болница Аџибадем Систина обезбедува и медицински персонал, поддршка и опрема. За лицата ќе биде обезбедена и храна. Освен редовна контрола на пациентите, за итни случаи докторите на Аџибадем Систина ќе стојат целосно на располагање и ќе доаѓаат на повик, велат од Аџибадем Систина.
Лицата со симптоми на Ковид-19, посочуваат, ќе бидат пренесувани со асистенција на Министерството за здравство во Инфективната клиника.
Ибис Стајл е приватен капацитет кој на располагање на државата го ставија Орка холдинг и Аџибадем Систина. Двата хотели Ибис Скопје – Ибис Центар и Ибис Стајл имаат капацитет од 214 кревети, од кои 51 во двокреветни соби, 101 во еднокреветна соба и три соби се за луѓе со посебни потреби. Хотелите располагаат и со шест семејни соби.
Овие капацитети беа ставени на располагање без претходни услови, но сепак се заблагодаруваме на соработката со владиниот кризен штаб и известуваме дека трите оброци за изолираните лица ги обезбедува државата во вредност од 600 денари по лице. Сите останати трошоци за сместување, вработени и медицинска поддршка ги покрива Орка холдинг и Аџибадем Систина, порачуваат од „Аџибадем Систина“.