Летното сметање на времето во 2020 година започнува на 29 март во 02:00 ласот така што, со поместување за еден час нанапред, времето во 02:00 часот се смета како 03:00 часот, соопшти Владата.
Летното сметање на времето во 2020 година завршува на 25 октомври во 03:00 часот, така што со поместување за еден час наназад времето во 03:00 часот се смета како 02:00 часот.
Околу 70 држави во светот го поместуваат времето за еден час два пати годишно. Повеќето држави што се поблиску до екваторот, не го прилагодуваат времето. Последниве години, во светот, а особено во Европа, трае дебата за напуштање на оваа пракса. Во 2018 година, тогашниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека мнозинството Европејци се против менувањето на времето. Според Јункер, 80% од жителите на ЕУ сакаат да го задржат летното сметање на времето во текот на целата година. За ова да се случи, потребно е да се согласат владите на сите земји членки на ЕУ и Европскиот парламент.
Слично е и во САД, каде што расте негодувањето против менувањето на времето два пати годишно. Сѐ повеќе Американци се противат на тоа владата да им ги поместува сказалките на нивните часовници. Дури 32 сојузни држави во САД предложија законски измени, да се задржи летното сметање на времето преку целата година.