Американската актерка Кристен Стјуарт изјави дека размислува да ја продолжи својата филмска кариера во Европа бидејќи, според неа, во САД веќе „не може слободно да работи“ поради актуелните филмски политики на претседателот Доналд Трамп.
Стјуарт, актерка позната по улогата во „Twilight“, истакна дека предложените тарифни мерки кон филмовите произведени надвор од САД се „поразителни“ за индустријата и ја поттикнале да размислува за работа во Европа.
„Не можам да работам слободно таму. Но, не сакам целосно да се откажам. Сакам да правам филмови во Европа“, изјави Стјуарт во интервју за британски Тајмс, додавајќи дека би сакала своите проекти да ги споделува и со американската публика.
Нејзината прва режисерска работа, „The Chronology of Water“, беше снимана во Латвија, и таа појасни дека тоа би било „неизведливо“ да го направи во САД поради ограничувањата што ги наметнуваат локалните услови и политики.
Полемиката околу нејзиното обраќање следи во време кога се водат дебати за потенцијални тарифи на американската филмска продукција, што предизвика критики од делови од индустријата.
Редакција Фронтлајн







