Во рамките на иницијативата на Владата да излезе во пресрет на македонските граѓани кои се најдоа затекнати од вонредните ситуации речиси секаде низ светот, денес од аеродромот во Скопје, патниците со 8 автобуси ќе бидат пренесени во државен карантин.
Автобусите, како што пишуваат од Влада на својот официјален профил на Фејсбук, се дезинфицирани, патниците ќе бидат пречекани со мала закуска и вода, по што ќе бидат пренесени во Струмица.
„Подготвени се осумте автобуси со кои ги пречекуваме и превезуваме нашите сограѓани кои ни пристигаат од Берлин со летот во 17:00 часот.
Со дезинфицирана внатрешност, опремени со закуска и вода, возачи со целосна безбедносна опрема, обезбедуваме транспорт до хотелот Цар Самуил во Струмица, каде ќе бидат во следните 14 дена во задолжителен државен карантин.
Им благодариме на сите колеги по институциите кои деноноќно и посветено работат на безбедно враќање на нашите граѓани дома.
На нашите сограѓани во карантин им посакуваме здравје и што полесно да го поминат карантинот, а до сите останати сограѓани апелираме да ги следат мерките за заштита и да останат во своите домови.“ – стои во статусот на профилот.