Празни улици, затворени продавници и маркети, без вообичаената гужва за недела попладне. Ваква е сликата попладнево во Скопје откако Владата како една од мерките за борба против корона вирусот донесе одлука полицискиот час за време на викенд да почнува од 16 часот и да трае до 5 часот следниот ден.
Она што може да се забележи се полициските патроли кои контролираат како се почитува полицискиот час, а доколку некој не ја почитува мерката, согласно законот ќе биде казнет.
Од ограниченото движење изземени се оние кои работат во смени, но за нив се издаваат посебни дозволи за сменска и ноќна работа. Изземени се и земјоделците кои одгледуваат раноградинарски култури и кои имаат неодожни активности поврзани со производство во пластеници, додека другите земјоделци како сточари, полјоделци и оние кои се занимаваат со овоштарство доколку имаат неодложни активности поврзани со земјоделското производство мора да се јават во подрачните единици на Министерството за да добијат дозвола.
Денеска е вториот ден од викендот во кој движењето е ограничено веќе од 16 часот, а веќе од утре согласно владината одлука, повторно полицискиот час ќе се помести од 21 часот до 5 часот.
Ваквата одлука Владата ја донесе на седница одржана на 25 март како една од мерките за справување со ширење на корона вирусот во земјава. Слични мерки имаат донесено и останатите држави од соседството кои исто така во моментот се справуваат со корона вирусот.