Личните работи на студентите коишто се оставени во студентските домови се безбедни. Ве советувам за сите информации поврзани со студентските домови, да се информирате од официјални извори бидејќи тие се единствени релевантни да одговорат на сите ваши прашања, изјави директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски, откако кај дел од студентите се појави страв дека ако домовите станат карантини, нивните личните работи ќе останат во домовите.
„Нема да има селење без присуство на студентите. Апелирам да не се шири паника во однос на ова прашање. И да треба да бидат ослободени собите за карантин, студентите ќе бидат информирани навреме и согласно сите процедури прво ќе се остави простор комплетно да се иселат и да си ги земат личните работи. Ќе се направи и записник по напуштање на собата и што е во неа е променето од преземањето до напуштањето, па дури тогаш ќе се пристапи кон други активности. Студентите можат да бидат спокојни. “, вели Николовски.
Николовски исто така апелираше, студентите во време на пандемија, доаѓањето во домот да го бираат како последно можно решение.
Информацијата дека е можно студентските домови да бидат привремено пренаменети во карантини, беше објавена по одлука на седница на Влада, донесена на 30 март.
Според одлуката, студентските домови би се користеле како сместувачки капацитети, односно карантин за лицата што се во изолација, но само доколку се јави потреба за тоа.
Владата исто така донесе одлука, студентите кои ги користат капацитетите на студентските домови да бидат ослободени од партиципација за периодот на вонредна состојба, а надоместокот кој го исплаќа Министерството за образование и наука, за секој студент и кој изнесува 50 отсто од сумата за сместување се продолжува од 10 на 12 месеци.