Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека во рамките на Министерството за здравство е отворена посебна наменска сметка за донации и се пристигнати околу 500.000 евра кои ќе бидат наменети за набавка на опрема или материјали во врска со третманот на пациентите.
– Бројни донатори донираа опрема како респиратори, рендген апарати, бронхоскопи, маски итн., се што е потребно за третман на овие пациенти. Станува збор за милион парчиња заштитна опрема, како и потребните лекови кои соодветно после индикација се дават на пациентите. Со оглед на недостигот од медицинска опрема во светот, оваа недела ја повторуваме постапката за набавка на респираторни машини со што сега предност даваме на времето во кое би стигнале во нашата земја, додаде Филипче.
За 24 часа регистрирани се 72 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје – 14, Куманово -21, Штип – 1, Прилеп – 9, Тетово-12, Струга- 1, Велес – 1, Битола – 2, Гостивар – 1, Радовиш – 1, Крушево – 2, Кочани – 7. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска изнесува 555 лица.
На клиниката неколку часа по приемот во болница, почина маж од Лабуништа (Струга) на 63 годишна возраст донесен на клиниката со тешка клиничка слика.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, другите пациенти се стабилни.
Ј. Ѓ.