Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава, денеска одржа видео-конференција со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, во насока на претставување на потребите, согледување на можностите и соодветна координација на донациите и директната поддршка за справување со предизвиците од КОВИД-19.
Османи, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на почетокот на состанокот, во името на Владата и на граѓаните на земјава се заблагодари за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ, така и за досегашната билатерална поддршка која, како што рече, секојдневно пристигнува.
– Вклучувањето на Република Северна Македонија во Европскиот солидарен фонд, во Договорот за заедничка набавка на медицински средства, во цивилната заштита на ЕУ итн., преставува вистински показател за интеграцијата на земјата во ЕУ, а директната билатерална поддршка на дело ја демонстрира европската солидарност, која ќе ни помогне од оваа криза да излеземе уште посилни, истакна Османи.
Вицепремиерот за европски прашања во продолжение, пред амбасадорите ги претстави активностите на Владата и на останатите тела за координација на активностите за справување со кризата, особено на улогата на СЕП како институција задолжена за координација на целата странска помош во земјава, вклучувајќи ја и поддршката во справувањето со предизвиците од пандемијата.