„Ништо нема да биде исто. Мерките што ги донесовме беа за заштита на здравјето, а не затекна во посебна состојба на техничка влада, Собранието распуштено… Нo, институциите се поставија на високо рамниште и презедоа активности и мерки што дадоа резултат. Ширењето на вирусот е линеарно и здравствениот систем е сеуште во кондиција да одговори на сегашната експанзија на вирусот. Факт е дека моравме да донесеме одлука да затвориме градински, училишта, универзитети…“, истакна премиерот Оливер Спасовски на денешената видеосесија „Ретроспектива: корона вирус МК“.
„Многу од компаниите што работат во поголема комуникација со граѓани, исто така мораа да прекинат со работа. Подготвивме два сета мерки.
Првиот сет беше наменет за оние кои беа погодени во првиот налет на вирусот. Транспортот, туризмот, занаетчиите, главно мали и средни претпријатија. Развојната банка на Северна Македонија веќе ги одобри договорите за бескаматните кредити што беа одобрени од Влада. Условите ги исполнија 136 компании со 1.737 вработени, и на нив им се одобруваат бескаматни кредити во вкупен износ од 1.263.079 евра. Од овие 136 компании-апликанти, 96% се компании до 10 и компании до 50 вработени, што покажува дека средствата од бескаматната линија Ковид1 примарно ќе стигнат до микро и малите компании.
Вториот сет договори од Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19 го одобривме на седницата на Владата пред 4 дена. На уште 118 компании со 1.116 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 936.602 евра.
Во првата и втората група, се одобрени вкупно 254 кредитни апликации во вкупен износ од 2,2 милиони евра, за компании со 2,853 вработени. По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 69%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 28%, а средните компании до 250 учествуваат со 4%“, истакна Спасовски.
„Главната мерка од Економскиот пакет 2, e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата. За оваа мерка, донесовме Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, со што и практично стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавачите.
Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки, ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.
Мерката 14.500 денари по вработен е финансиска поддршка, која за фирмите што се афектирани од кризата предизвикана од корона вирусот претставува ликвидностна инјекција и помош за исплата на плати.
Компаниите може да ја искористат мерката за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголемиот дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои, поради кризата, не се на работа.
Истовремено. може да користат и комбинација од мерката за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата.
За таа цел ја донесовме Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба“, објасни Спасовски.