Американските експерти се важен дел од борбата на Светска здравствена организација против Ковид-19 и од почеток на епидемијата ништо не е криено од која било држава, тврди СЗО, пренесува МИА.
Во СЗО од јануари годинава има околу 15 експерти на Американскиот центар за контрола на болестите (ЦДЦ) распоредени во Агенцијата на Обединети нации.
– Тоа што имаме американски персонал од ЦДЦ значи дека ништо не било криено од САД од првиот ден, истакна генералениот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебреисус.
Тој додаде дека поделбата помеѓу луѓето и политичките партии ја поттикнуваат пандемијата.
СЗО порача 30 милиони дијагностички тестови за следните четири месеци и ќе испорача речиси 180 милиони хирушки маски во април и во мај, посочи Гебреисус.
Тој додаде дека сега има повеќе од 600 болници подготвени да прифатат пациенти во рамките на така нареченoто Солидарно тестирање на лекови против новиот коронавирус.
Претседателот на САД, Доналд Трамп на 15 април нареди да се прекине американското финансирање на СЗО, бидејќи е незадоволен од работата на оваа организација во текот на пандемијата на коронавирусот. Тој оцени дека СЗО не ја исполнила својата основна должност и дека за тоа ќе мора да одговара.
Трамп ја обвини СЗО дека промовирала „кинески дезинформации“ за новиот коронавирус, што според него, довело до поголема епидемија.
САД се најголемиот донатор во СЗО. Минатата година оваа држава во СЗО дала повеќе од 400 милиони долари, што е околу 15 отсто од нејзиниот буџет, кој изнесува околу 4,5 милијарди долари.