Подобрување во однос на слободата на медиумите, или скок од три места на Северна Македонија, бележи овогодишниот извештај на Репортери без граници, со што нашата земја од минатогодишното 95 место, напреднува и се наоѓа на 92 позиција.
Најлошото рангирање, Македонија го добива пред шест години, кога премиер беше сегашниот азилант, Никола Груевски. Во 2014 година, според индексот на слободата на медиуми нашата земја се наоѓа на најлошата 123 позиција, од вкупно 180 земји.
Енормен пад во слободата на медиумите е забележан од 2009 до 2014 година. Во 2009 година, нашата земја според овој индекс во извештајот на Репортери без граници се наоѓа на завидното 34. место, но годините потоа се турбулентни и слободата на медиумите бележи драстичен пад од дури 89 места за пет години, за што имаше многу забелешки и во овој извештај, но и во извештаите за напредок кои ги подготвува Европската комисија.
Репортери без граници во 2014 година, го наведуваат и затворањето на новинарите Томислав Кежаровски и Зоран Божиновски.
„Новинарот Кежаровски стана симбол за нарушувањата во слободата на информирањето. Откако беше осуден на затворска казна од 4,5 години, неговиот притвор беше заменет со домашен притвор, под меѓународен притисок. Но, веќе следниот ден во Србија беше уапсен друг новинар, Зоран Божиновски, по потерница од Интерпол. Божиновски често работеше истражувачки стории за Сашо Мијалков, шеф на македонските тајни служби и роднина на премиерот Никола Груевски“, се наведува во извештајот на „Репортери без граници“.
По многуте протести почнувајќи од 2014/2015 година, доаѓа до рушење на тогашниот режим и поместувања во однос на слободната на изразување како и слободата на медиумите.
Рангирање за слобода на медиуми според Репортери без граници:
- 2019 година – 95 место
- 2018 година – 109 место
- 2017 година – 111 место
- 2016 година – 118 место
- 2015 година – 117 место
- 2014 година – 123 место (најлоша позиција во историјата)
- 2013 година -116 место
- 2010 година – 68 место
- 2009 година – 34 место (најдобра позиција)
Споредувајќи ги рангирањата, подобрувањата во однос на слободата на медиумите започнуваат од 2015 година па наваму, иако според вкупниот број на земји кои учествуваат во оценувањето или 180, нашата земја е сè уште накаде на средина.
Според овогодишниот индекс на Репортери без граници, како позитивен пример во создавањето поволни услови за медиумите, организацијата го наведува создавањето на Регистарот на професионални онлајн-медиуми.
„Треба да се забележат две револуционерни достигнувања во врска со саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари: од една страна, создавањето на Регистарот на професионални онлајн-медиуми (www.promedia.mk), кој има речиси 120 члена, креиран од страна на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Оваа иницијатива ја промовира саморегулацијата на медиумите со тоа што ги обврзува да се придржуваат кон Кодексот на новинарите и да ги објавуваат одлуките на СЕММ. И, од друга, потпишувањето на Повелбата за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници во дигиталните медиуми од Синдикатот (ССНМ), во соработка со ЗНМ и СЕММ“, се вели во извештајот.
Еден од проблемите што се издвоени во извештајот на „Репортери без граници“ е финансирањето на медиумите од општините (локалната власт) и покрај забраната за оваа практика.
„Сегашната власт го прекина рекламирањето во медиумите, кое беше моќна алатка на претходната влада за контрола на медиумите и злоупотреба на јавни пари. Сепак, локалните власти и понатаму имаат можност да се рекламираат на локалните медиуми и тоа продолжува да претставува алатка за притисок. Постоеше и потенцијално ризичен потег на владејачката партија преку платени реклами во медиумите да ги истакнува достигнувањата на власта. Таа намера беше осудена од Здружението на новинарите на Македонија“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се наведува дека бројот на физички напади врз новинарите и медиумските работници е намален, меѓутоа во пораст е бројот на сајбер-напади, а се критикува и застојот во реформирањето на јавниот сервис.
Следната деценија решавачка
Следните десет години несомнено ќе бидат „решавачка деценија“ за слободата на медиумите, велат од „Репортери без граници“ (РСФ) во својот годишен извештај за глобалната слобода на медиумите за 2020 година.
„Епидемијата е можност за најлошо рангираните земји да спроведат „стратегија за шок“. Искористување на слаба јавна контрола и ослабување на мобилизацијата на луѓето за наметнување мерки што не би било можно да се наметнат во нормални времиња, предупредува Кристоф Делоар“, генералниот секретар на РСФ.
Таков е случајот со Кина, која се наоѓа на 177 место и Иран, рангиран на 173 место од 180 рангирани земји, според Индексот за слобода на медиуми, но и Унгарија на 89 место, во која премиерот донесе закон за „корона вирус“ со казни до пет години затвор за ширење лажни вести.
Според последниот индекс за слобода на медиумите, од соседството пред Северна Македонија се: Грција на 65., Косово на 70 и Албанија на 84 место, а зад нас се наоѓаат Србија на 93 место, Црна Гора на 105 и Бугарија на 111 место.
Репортери: Потребни се темелни подобрувања
Од „Репортери без граници“ за Дојче веле го коментираат значењето на слободата на медиумите во преговорите за приклучување кон ЕУ на Северна Македонија, Албанија и Србија.
„Слободата на медиумите на хартија е важен аспект од основните ЕУ-вредности. ЕУ мора во текот на преговорите за приклучување да опстојува ригорозно на тоа во оваа сфера да се спроведат вистински реформи, а не да се остане на небулозни реформски ветувања. Би било фатално доколку ЕУ не ја искористи можноста во текот на преговорите за приклучување со цел да бидат спроведени темелни подобрувања за слободата на печатот“, велат од РСФ.
ССНМ со реакција за толкувањето на извештајот од страна на Владата
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е зачуден од толкувањето на македонската влада на извештајот на „Репортери без граници“ за состојбата со слободата на медиумите во Македонија.
Соопштението испратено од владината прес-служба со наслов „Владата го одржува нагорниот тренд на Северна Македонија на листата за слобода на медиумите на ‘Репортери без граници’“, претставува своеволно толкување на извештајот и преземање на успесите на други организации и иницијативи на свое конто, сметаат од синдикатот.
„Во соопштението како причини за скокот на листата е наведено подобрувањето на работничките права на новинарите и медиумските работници, но тоа во извештајот на ‘Репортери без граници’ не е така нотирано“, истакнуваат од ССНМ.
„Повелбата за работните услови на новинарите и нацрт фер-договорите за вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми беа потпишани од Самостојниот синдикат на новинари и Медиумски работници во соработка со ЗНМ и СЕММ, со што се обврзаа на почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници, нивното право на слобода на изразување, како и етички и професонални стандарди“, стои во резимето од извештајот на „Репортери без граници“, објаснуваат од ССНМ, додавајќи дека во извештјот исто така се наведува дека повелбата е дел од еден подолг процес кој сè уште трае.
ССНМ истакнува и дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана.
„Наши колеги се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место, а прекаријатот е сериозно распространет, особено во дигиталните медиуми. Исто така, во голем дел од таканаречените традиционални медиуми не се почитуваат основните работнички права, а во голем дел од нив на сила се директни забрани за синдикални активности што е спротивно на Законот за работни односи… Новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата со корона вирусот се една од најизложените професии во земјава, извршувајќи една од најважните алки во борбата против епидемијата – правовремено и точно информирање на граѓаните. Професионалното известување е еден од најважните фактори во вонредни ситуации како оваа, а новинарите и медиумските работници професионално можат да ја вршат својата работа само доколку се економски и социјално обезбедени“, стои во соопштението на ССНМ.
И.Т. Зафировска