Денеска, околу ова време, требаше да се собереме во Дебар Маало за да ја откриеме клупата на Горан (заедно со една мала забава за неговиот роденден, кој е утре), напиша Игор Стефановски на Фејсбук, син на великанот Горан Стефановски.
„Тоа, како и многу други нешта, не се случи, но се надевам дека во скоро време ќе бидеме заедно за овој и сите културни настани кои толку многу ни фалат овие денови. Бидејќи, што е животот без културата? До скоро (пупупу)!“, напиша Стефановски.
Великиот Горан Стефановски, драматург, есеист, интелектуалец и предавач, почина од неоперабилен тумор на мозокот во 2018 година на 66-годишна возраст. Неговата смрт предизвика бројни изрази на почит за неговата брилијантност како писател и професор, како и излевање восхит и љубов кон него како кон човечко суштество со голема мудрост, скромност и љубезност.
Неговото тело било кремирано на 5 декември 2018 година во „Barham Crematorium“ во Кентербери, а во својот тестамент Стефановски изразил желба пепелта да биде растурена над Охридското Езеро.
Дел од неговото богато творештво се Клинч, Јане Задрогаз, Чиракот Шекспир (радио-драма, 1975),, Сослушувањето на железничарот (тв-драма, 1976), Томе од бензиската пумпа (тв-филм, 1978), Наши години (тв-серија, 1979), Диво месо (драма, 1979), Лет во место (драма, 1981), ХИ-ФИ (драма, 1982), Дупло дно (драма, 1983), Тетовирани души (драма, 1985), Бушава азбука (детска ТВ-серија, 1985), Чернодрински се враќа дома (драма, 1991), Демонот од Дебар Маало (драма, 2006) и многу други.