Министерот за здравство Венко Филипче на денешната онлајн прес-конференција рече дека од она што може да се забележи од фотографиите и видео снимките низ целата држава, граѓаните не се придржуваат кон мерката носење на заштитна маска и затоа ќе предложи до Владата санкционирањето за неносече на заштитна маска да започне веднаш или најкасно од вторник, наместо прво да се применуваат опомени како што првично беше одлучено.
Според законската уредба на Владата што е на сила, задолжително е носење на маска или марама во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз.
На отворено, маските ќе бидат задолжителни на пазарите и на места каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра. Маска не мора да се носи во двор, на тераса во сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во автомобил со луѓе од семејство.
Во Уредбата беше предвидено до крајот на месецот тој што нема да носи маска ќе биде опоменат, а од мај следат и казни. Лицата кои нема да носат заштитна маска ќе бидат казнети 20 евра.
Фирмите кои нема да обезбедат заштитна опрема за вработените ќе бидат казнети со 2.000 евра, а одговорното лице на фирмата посебно ќе плати казна од 1000 евра.
Филипче ги објави и најновите резултати од корона вирусот во државава. Министерот истакна дека денеска се регистрирани оздравени пациенти 126. Со ова вкупната бројка на оздравени е 500.
„Во ГОБ „8 септември“ починаа 2 лица, пациентка од Липково (Куманово) на 49 години, примена на 03 април со потешкотии во дишење и веднаш поставена на респиратор и 73 годишен пациент од Скопје, примен на 19 април во многу тешка општа состојба. Во изминатите 24 часа направени се 335 тестирања, а потврдени се 19 нови случаи на ковид-19 и тоа во:
– Скопје 3, Куманово 8, Прилеп 2, Струга 2, Велес 2, Гостивар-1, Виница 1
Со ова вкупната бројка на КОВИД-19 дијагностицирани во нашата земја изнесува 1386 лица. Досега во земјата се направени вкупно 15.120 тестирања.“ истакна министерот Филипче.
Ј. Ѓ.