Комисијата за заразни болести на денешниот утрински состанок предложи полицискиот час за време на првомајскиот викенд да биде од 19 часот в четврток до 5 часот в понеделник. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција кажа дека членовите на Комисијата со консензус дале мислење дека трите дена за празникот треба да биде воведена забраната за движење.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев пак, на својот Фејсбук профил напиша дека на состанокот на Кризниот штаб утрово предложил полицискиот час да биде како изминатиот викенд, затоа што смета дека секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните.
На прашањето на Фронтлајн „ За која седница на Координативниот штаб говори министерот Чулев и дали воопшто доаѓа Чулев на седници на Влада и на Кризен штаб? Дали е ова уште една лажна вест и што значи ваквото однесување?
„На утринскиот состанок на штабот, јас го изнесов мислењето, кое е и мислење и на Комисијата за заразни болести, која со консензус смета дека викендот треба да вбиде целосно затворен, како што беше оној за Велигден, односно од петок до понеделник. Во меѓувреме, видов некои реакции на министерот Чулев, но сметам дека овде не треба да станува збор за било какво лично мислење, став или желба, туку мислењата се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. Така функциониравме до сега“, вели Филипче.
Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома, кој би сакал да седи дома затворен 3 дена, но има причина зошто е тоа така предложено“, рече Филипче.
На утрешната седница на Владата ќе се разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести и ќе биде донесена одлука.