– Рано е да се зборува за избори, навистина рано. Посветени сме целосно на борбата против пандемијата на корона вирусот и против последиците што таа ги остава врз здравството, врз економијата, образованието, социјалниот живот. Избори ќе се случат кога ќе ја победиме оваа криза и општеството ќе биде подготвено за тоа. Кога дошол тој момент ќе осетиме заедно со граѓаните и со стручните лица од здравствениот сектор, истакнува лидерот на СДСМ Зоран Заев, во интервју за „Независен весни“.
Заев нагласува дека СДСМ е фаворит на изборите кога и да се случат. Тој вели дека сега тоа ѝ е јасно на целокупната јавност, особено после целосно исполнети стратешки приоритети, како членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.
„Ете, затоа се овие уплашени прозивки на опозицијата, овие обвинувања што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ. Факт е дека опозицијата многу неодговорно се однесува за време на целата криза, во време кога сите се бориме со невидливиот непријател тие не престануваат да ја плашат јавноста преку медиумите што ги контролираат, тераат политиканство, наместо да помогнат. Впрочем, тоа е однесувањето што може да го видиме во изминатите 2,5 години и тие 11 пред тоа. Тоа граѓаните го гледаат и многу добро го знаат. Оттаму стравот од изборно соочување.“, потенцира Заев.
Лидерот на СДСМ вели дека нема да се занимава со партиските демагогии на ВМРО-ДПМНЕ, зашто секое време потрошено на политичките неуспеси на Мицкоски, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ е време кое треба да се употреби во заштита на населението од корона вирусот и во спас на работните места.