Во време кога владее пандемија на Ковид-19 и поголемиот дел од јавните институции се затворени, а граѓаните седат дома, Google Art And Culture во соработка со неколку музеи и галерии во светот решија да ги отворат вратите за посетителите, овојпат виртуелно.
Овој проект вклучува неколку стотици музеи и галерии од целиот свет, вклучувајќи ги и културните гиганти како Гугенхајм во Њујорк, музејот Ван Гог во Амстердам, Британскиот музеј во Лондон и многу други.
Подолу може да погледнете неколку примери од музеи и галерии со линкови кои може да ве однесат директно на виртуелната прошетка.
Британскиот Музеј во Лондон (British Museum, London)
Лоциран во срцето на Лондон, овој музеј овозможува прошетка низ различни периоди во историјата, вклучувајќи стотици артефакти меѓу кои и египетските мумии.
Холандски државен музеј на историја и уметност во Амстердам (Rijksmuseum, Amsterdam)
Дом на многу ремек дела од златното доба на Холандската уметност, овој музеј нуди прошетка низ своите прецизно украсени сали и можност да видите дела на Рембрант, Вермер и други виртуози, во нивната колекција од милион дела.
Гугенхајм музејот во Њујорк (Solomon R. Guggenheim Museum, New York)
Во овој музеј кој е најпознат по необичната форма и спиралните скали, ремек дело на Френк Лојд Рајт, можете да погледнете неверојатни уметнички дела од различни историски периоди, вклучувајќи ги импресионистичките, пост-импресионистичките, модерните како и современите епохи.
Ван Гог музејот во Амстердам (Van Gogh Museum, Amsterdam)
Дом на најголемата колекција на уметнички дела на холандскиот виртуоз, која вклучува над 500 слики, 200 цртежи и над 750 лични писма на Ван Гог.
Галерија Уфуци во Фиренца (Uffizi Gallery, Florence)
Оваа галерија е дом на најголемата колекција на едно од најпознатите семејства од Италијанската историја, фамилијата Медичи. Салите дизајнирани од Џорџо Васари, по нарачка на Козимо Медичи во 1560 година содржат богати колекции на слики, склуптури и други декоративни форми на уметност.
Ова е само еден мал дел од богатиот избор на музеи и галерии кои ги нуди овој проект, со кој Google Art And Culture ја носи уметноста во нашите домови.
Искра Ежова