Европската Унија ги осудува „малициозните“ обиди за сајбер напади врз земји на ЕУ и критични инфраструктури за време на пандемијата со корона вирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во име на целата Европска Унија, високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борел информира дека од почетокот на пандемијата констатирани се бројни обиди и напади врз инфраструктури кои се од суштинско значење за справување со кризата.
– Секој обид да се попречи работењето на критични инфраструктури е неприфатлив, сите одговорни веднаш да престанат со овие неодговорни и дестабилизирачки акции кои можат да загрозат животи, потребно е целиот свет да биде обединет во оваа глобална борба против вирусот, ова е прашање на хуманост и споделени вредности, порача Борел.
Соопштението на Европската Унија не прецизира од кои земји доаѓаат нападите, но уверува дека земјите членки на ЕУ интензивно соработуваат и разменуваат информации за да спречат секакви малициозни активности. ЕУ ги повикаа сите земји да преземат соодветни мерки доколку лоцираат вакви активности од нивните територии.
Претходно, во октомври 2019 година, претставникот на ЕУ, Борел, упати поддршка за Грузија, која тогаш се соочуваше со сајбер напади што онеспособија значајни интернет страни и направија штета на социјалната и економска инфраструктура на земјата. Откако во 2019 Борел посочи кон рускиот воен врв за организирани сајбер напади во поголеми размери, обвинувањата од руски официјални лица беа негирани.
А. Н. С.