Радовишката полиција поднесе кривична пријава против Игор Гоцевски, вработен во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој за сторено кривично дело примање поткуп. Пријавата е проследена до Јавното обвинителство во Струмица.
Инаку, Игор Гоцевски е истакнат партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, член на општински извршен одбор во Струмица и раководител на партискиот сектор за аналитика. Сопругата Драгана Гоцевска на последните локални избори беше кандидат за советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, инаку е поранешен раководител на одделение за премер и катастар во Струмица.
Гоцевски користејќи ја својата позиција во Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој сакал да изнуди 600 евра од земјоделец од радовишкото село Бучим. Имено, земјоделецот добил субвенции од државата и му била направена контрола, но потоа телефонски му се јавувал Гоцевски со закана дека ако не му ги исплати парите ќе направел записник во кој ќе констатирал неправилности во користењето на субвенциите и така ќе го спречел во иднина да не може да се пријавува на повиците за субвенции во земјоделството.
Соочен со стравот да не остане во иднина без субвенции, земјоделецот од Радовиш го пријавил Гоцевски во полиција. Таа пак кримтехнички обработила 36.000 денари, износ кој потоа пријавувачот го предал на службеникот во Агенцијата. Малку подоцна, полицијата го сопрела мерцедесот на Гоцевски, а кај него биле пронајдени обележаните банкноти. Тоа било доволно полицијата да го потврди кривичното дело поткуп и да му поднесе пријава.
Според фотографиите кои кружат на интернет, Гоцевски е очигледно близок со раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ и со лидерот Христијан Мицкоски. На некои од фотографиите Гоцевски е сликан со пратеникот од Струмица, Пишев, со кандидатката за пратеничка, Ели Панова, актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица, како и со Тања Запрова, чиј сопруг Томи Запров пукаше со пиштол на локалните избори во Струмица во 2013 година. Со еден збор, службеникот Гоцевски е истакнат кадар од тимот на Мицкоски.