пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Да ги оставиме на страна, за момент, урнебесно комичните димензии на македонската политичка сцена, почнувајќи од некои, знаете кои, технички министри, завршувајќи со собранискиот спикер и неговата „пуч“ филозофија. И сѐ помеѓу. Смеењето е здраво, но од многу смеење, најмалку што може да ви се случи е да ве заболи стомакот. Па, ајде да видиме што се случува со оваа иницијатива, да се реактивира Собранието, таа највисока демократска институција во една земја.
Без оглед на тоа колку углед (не) уживаат голем број пратенички и пратеници, Собранието како институција е на врвот по својата важност во една парламентарна демократија. Тоа што токму во тој дом наоѓаме неизмерно многу проблеми и скандали, само може да посведочи, на не секогаш пријатен начин, дека таа институција е исклучително важна за луѓето. Оттаму, не е неважно што се случува таму, без оглед на тоа колку дел од политичарите и политиката нѐ оставаат рамнодушни или нѐ прават гневни и огорчени.
Значи… Логично е да (про)работи Собранието. Човек не мора да биде којзнае каков познавач на правото, да знае дека тоа е институција што има законска и уставна обврска да функционира постојано, без прекин, дури и кога е самораспуштено поради избори. Меѓу другото, Собранието е заедница од репрезентанти на граѓанките и граѓаните од кои се очекува да наоѓаат креативни и одржливи решенија за секое прашање од јавен интерес.
Вонредната состојба што беше прогласена во услови на предизборно самораспуштеното Собрание, само ја засилува аргументацијата за негово реактивирање. Тоа е и законски регулирано и со одлука на Уставен суд (колку и да е оправдано непопуларен) потврдено. И самиот претседател на Собранието е активен, дури и по изборите, сѐ до моментот кога се избира нов претседател. Тој (или најстариот парламентарец) ја води конститутивната седница на парламентот по изборите (нели?). Инаку, зошто земаат плата и по самораспуштањето?! А потоа и апанажи, кои секако мора да бидат укинати…
Интересно е да се погледне зошто и како реагираат партиските раководства на иницијативата за реактивирање на Собранието. Зошто Талат ја блокира иницијативата, зошто Мицкоски не сака да слушне за тоа?
Прво, како што изгледа и на прв поглед, иницијативата е автентична, а не потекнува од центрите на моќта. Тоа е добар сигнал, демократски, просто човек да не верува. Што се однесува до Владата, нека е и техничка, функционирањето на Собранието во услови на пандемија, може да се каже, не ѝ одговара во целост.
Во услови на активно Собрание, указите и мерките кои може да се носат, менуваат и укинуваат на дневна основа, ќе мора да минуваат низ филтерот на парламентарната демократија. Демократијата е бавна и често неефикасна, иако неизмерно драгоцена и ултра неопходна за секое општество.
Сепак, раководството на СДСМ, ја прифати и ја поддржа иницијативата, што е уште еден позитивен сигнал. Но, тука некаде завршуваат позитивните сигнали…
ВМРО-ДПМНЕ, освен што во основа е секогаш контра, не сака да го види Собранието реактивирано. Зошто? Дури и по цена да има минорно влијание во техничката влада, каде што министрите и замениците се занимаваат со такви глупости, што само дополнително ѝ го толчат рејтингот на партијата во сопственост на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ не сака да го види Собранието функционално. Дали само тоа е цената за ова ново инаетење? Не.
Враќањето на Собранието значи и враќање на политичка влада, што значи дека ќе ја изгубат можноста од внатре да ја „тепаат“ власта во која и самите учествуваат. Притоа, ќе ја изгубат можноста да ги злоупотребуваат јавните ресурси за исполнување на партиската агенда, да предизвикуваат скандали на дневна основа, во надеж дека тоа ќе им донесе политички поени кај гласачите на претстојните избори.
Каква е ситуацијата со ДУИ? Зошто Талат Џафери ја блокира иницијативата?
ДУИ се (премногу) често на иста линија со побратимите од ВМРО-ДПМНЕ, па така и овој пат, но со различни мотиви. Талат, кого Орданоски го спореди со глупавиот Лорд Перси од вечната сатирична серија „Црна Гуја“, внимателно го пипа пулсот на својот молчалив лидер од Мала Речица. Тие знаат дека рејтингот на ДУИ е подобрен во овој период, наспроти сите истрели во сопственото колено, по сите скандали од кои најмал (а не е мал) е оној со сѐ уште нерешениот случај со пукањето на свадба, кога тригер-хепи функционерот Џеват Адеми рани две лица.
Од позиција на прв вагон во композицијата што ја влече забревтаната реформска и евроатлантска локомотива на СДСМ, тие можат само да профитираат од македонските успеси. Така, иако беа дел од криминалниот антиреформски и антизападен режим до пред три години, тие сега се китат со перјата на успесите како што се членството во НАТО, датумот за преговори со ЕУ, успешното справување со коронавирусот, социјалните трансфери, враќањето на демократијата и меѓуетничкиот мир…
Затоа, на прв поглед изгледа чудно, а секако и смешно, противењето на Талат на иницијативата за реактивирање на Собранието. Но, не е ни сосема наивно решението да се блокира иницијативата. ДУИ не сака да ризикува ни најмалку. Во услови на активно Собрание, се отвораат две опасности за Али и неговата дружина. Првата, до некаде и не толку веројатна, иако можна, може да дојде до раслојување на неговата парламентарна група, што на површина ќе го исфрли фактот дека партијата веќе одамна не е единствена. Но, тие гледаат поголем ризик во можноста да се направи ново парламентарно мнозинство. Тоа е нивниот политички кошмар одамна, а најмалку им треба тој кошмар да стане реалност пред изборите.
Ете, сега веројатно е малку појасно.
Чекај, навистина, изборите… Кога, како, зошто? Сите прашања што ве мачат околу изборите, набрзо, во некој од следните рафали. За денеска, да се посветиме на подготовките за одбележување на 1 Мај, Денот на трудот. Некој со скандали, некој со скара, некој со одговорна работа… А најмногу, пред ТВ… Кој за што учел, велеа во маало…