Секојдневни настани, детска игра, училиште, литература, култура, уметност, музика, спортски натпревари, сообраќајни незгоди, религија, па дури и временски непогоди и убиства – не постои случување низ кое не провејувал национализмот. Таа параноја која ја труе свеста и те прави да се чувствуваш супериорен или инфериорен, најточно ништожен.
А сета таа затруеност доаѓа од неколку центри, меѓу нив на пиедесталот секако е политиката, која е, и била оружје на многу режими за придобивање на политички поени, посебно во 20-тиот и 21-иот век, величејќи една или повеќе нации, истовремено угнетувајќи други, отров кој и најневината детска игра може да ја претвори во хорор.
Неколку чекори зад политиката се секако масмедиумите. На времето радијата и весниците, потоа телевизијата, за интернетот и друштвените медиуми да го заземат приматот во последните 10 години.
Политичките партии, режимите во нашата земја и национализмот како механизам за себепромоција
Во неодамнешното интервју со актерот Петар Арсовски за Фронтлајн, се обидовме да ја доловиме атмосферата која се провлекуваше низа години, за време на „владеењето“ на претходната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето, колку претходната власт играше на етничка и националистичка карта за да добие политички поени, Арсовски беше дециден:
„Они добиваа политички поени, но привидни. Тоа се покажа по Шарената револуција и особено се покажува сега кога сите партии, и албански, и турски и од другите народности, се приклучија кон владејачката партија, како коалициони партнери. Играјќи на таа етничка нетрпеливост и истакнувајќи ги другите ентитети како непријатели, како нешто против кое треба да се бориме за да го истакнеме македонизмот и национализмот изгуби не само партнери, туку изгуби граѓани, соработници, изгуби една многу битна страна од популацијата којашто ќе му беше драгоцена и којашто на сегашната власт и е четврта нога за да може да стои цврсто и да може да смета на понатамошен прогрес, понатамошен развој, за остварување на сите оние ветувања и планови што ги има пред себе… Од последните активности на уште несовладаниот национализам на Груевски ние и сега можеме да видиме дека играат на карта на национализам, дека опасност нè демне, од да речеме, албанската страна, што е неверојатна глупост, затоа што не можам да верувам дека ние сега овде седиме и разговараме за некаков си мултикултурализам, за национална поделеност во денешно време. Ако овој проблем би го спомнале да речеме во Америка или било која европска земја, сите ќе се смеат и ќе се чудат „за што говорите вие?“.
Секако во Македонија најчесто провејувал национализмот меѓу двете најголеми заедници, македонската и албанската, која исто така, водена или пак задоена од некои политики, се покажа како силна алтка за придобивање на албанското население, надминувајќи и газејќи го патриотизмот кој доби сосема нова, многу полоша димензија и прерасна в национализам. Истиот принцип се применува и кај македонската, но и другите заедници во нашата држава.
На прашањето колкаво е влијанието на политички партии во ширење на говор на омраза, национализам и нетолеранција, режисерката и активистка Ирена Стеријовска вели дека во нашето општетство се зависи од политиката.
„Во македонското опшетство бидејќи сè зависи од политиката и од начинот на кој политиката го диктира темпото не само во овој сегмент, туку во сите други сегменти. Не може да се каже дека е фактор, туку е и причина и последица и околност, се е поврзано со тоа. Мислам дека она што му фали на макеоднското општетво во однос на политичките партии е да имаме еден генерален консензус дека одвојувањето не треба да се бара по некаква етничка основа, не знам, различни култури, туку треба да се занимаваме со различни идеологии, ставови, како да се разбере повеќе, отколку кој е Македонец, кој е Албанец, Бошњак, Ром, Турчин“, вели таа.
Според Стеријовска, сите партии многу неодговорно го сфаќале тоа прашање (и левица и десница, до пред Едно општество за сите), првично затоа што отворајќи го тоа прашање и креирајќи некаква разединетост во однос на тоа, многу полесно се добивале политички поени.
„И сметам дека идеологијата на Едно општество за сите, колку и да треба посериозно да се занимаваат, конкретно еве СДСМ, бидејќи они го почнаа тој концепт, треба многу посериозно, многу постратешки да се знаимаваат, вистински да се адресираат. Сегрегацијата во образованието, тоа требаше уште првите три дена да се смени…Оти сега ги имаме оние кои кога ќе победи Вардар слават со „смрт за Шиптари“, од нив некои се деца, но некои имаат деца. Треба да се занимаваме до тоа какви генерации општеството креира, и не е само „вербалната нота“ во однос на тоа како ги адресираме тие проблеми, туку и вистински треба да се донесат решенија. Според мене, треба да се почне од сегерегација во образованието“, вели Стеријовска…..Правецот, идеолошки, условно кажано, кој сега е заземен е добар, но треба како политички партии и како Влада, како власт, одговорноста е да се повлечат реални потези коишто не се се само декларативни, туку потези кои ќе направат интервенција врз новите генерации.“, вели Стеријовска.
Активистката Мерсиха Смаиловиќ пак вели политичарите се оние кои први треба да го променат вокабуларот затоа што тие треба да бидат како мост помеѓу граѓаните и реалните политики, без разлика дали доаѓаат од позиција или опозиција.
„Многу мора да се внимава, граѓаните ги следат нивните постапки, нивните говори. Значи, мора сериозно да се внимава и сериозно да се работи со политичките партии. Јас дури и би повикувала на одговорност доколку се изрече говор на омраза од собраниска говорница. Мора да постои некое тело внатре во Собранието кое ќе ги испитува, ќе води постапки за пратениците коишто ќе употребуваат говор на омраза или ќе пласираат лажни вести….Концептот „Едно општество за сите“ претставува фундамент врз кој ќе може да го градиме општеството. Дека сите сме исти, ги имаме истите права, истите обврски, но и дека се бориме да имаме можности, што е многу битно. Да, сите имаме права, обврски, но дали сите ги имаме истите можности. Со тој концепт некако се надевавме дека можностите ќе бидат тука за сите нас, пружени, дадени и некако имате чувство дека сте дел од општеството“, вели активистката Смаиловиќ.
Медиумите како разгорувачи и смирувачи на национализмот
Медиумите отсекогаш ја имале таа неблагодарна улога да бидат меч со две острици. Барем во нашата земја, одреден дел од медиумите жестоко и во прв план пласирале национализам, ксенофобија, хомофобија и други видови нетрпеливост, има и такви кои или намерно се занимаваат со вакви „болни“ теми или пак се трудат да бидат коректни и праведни.
Медиумите и тоа како влијаат на креирањето на јавното мнение и затоа треба да имаат одреден филтер кога ги пласираат информациите, смета активиската Мерсиха Смаиловиќ.
„Во однос на медиумите, тие можат да бидат силен филтер против говорот на омраза, во однос на тоа дека можат да одбијат да пренесуваат, без разлика дали нивната цел е само да информира дека има говор на омраза. А да не говорам за медиумите кои константно потикнуваат говор на омраза, потикнуваат злосторсво од омраза и шират невистини…“, вели Смаиловиќ.
За моќта на седмата сила или четвртата власт, како милувате, зборуваше и активистката и режисерка Ирена Стеријовска која смета дека токму информацијата која ја испраќа новинарот или медиумот е многу битен фактор во градењето на нашите ставови.
„Ние сме навикнати да ги градиме нашите ставови со тоа што ќе прибираме информации од разно-разни места. Искрено, мислам дека медиумите, еве на пример во Србија, многу почесто може да се слушне темнинот „шиптар“ на телевизија. Овде тоа не е случај. Меѓутоа има некоја преќутна тенденција. Мене она „соживот“ многу ми е оставштина од некој друг јазик, од некое друго време, значењето на зборот е легитимно, меѓутоа начинот на којшто звучи, мене барем, ме потсетува на нешто од пред 15 години кога не сме биле еволутивно на ова ниво прифаќење и напредок во во пглед на мултикултурализмот во Македонија.
Иако не можам да кажам дека медиумите се комплетно неодговорни, на пример од пред 3,4 години имаше вести Албанец нападна Македонка, не иницијали, не човек, маж, жена, туку секој контекст којшто можеше да се фати во однос на тоа, медиумите го „бркаа“, а сега гледаме дека тоа почнува малце да се олабавува.
Треба медиумите да се занимаваат со едукација на граѓаните, на некој начин, затоа што, да бидеме реални, во образованието не толку посветуваме внимание, и дека на некој начин, начинот на кој медиумите ја третираат таа тема е некоја неформална едукација на граѓаните во однос на тоа што се различности и како треба да се прифатат. И дали воопшто треба да ги нарекуваме „различности“ ако сме од различни етнички заедници“, рече Стеријовска во интервјуто за Фронтлајн.мк.
И според актерот Петар Арсовски медиумите имаат многу голема улога во „пумпање“ и смирување на состојбите. Арсовски вели дека е среќа што дел од луѓето веќе ги знаат медиумите кои објавуваат лажни вести, говор на омраза и пласираат нетолеранција и ги одбегнуваат.
„Жал ми што морам да кажам дека влијаат…..Сè зависи од тој чиј е медиумот. За жал, многу малку независни медиуми имаме, медиуми коишто се општествени визионери, кои имаат општествена задача да бидат мотори на прогресот, објективни. Бркајќи атракција, посебно платените, за кои се чудам како не им е срам, чепкаат таму каде што не треба. Не знам како не им е јасно дека се прочитани…“, вели Арсовски.
НВО и анти(национализмот)
Говорот на омраза, нетолеранцијата, сегрегацијата во образованието, родовата нееднаквост, хомофобијата, трансфобијата, секситичките пораки и насилството се вечно актуелни проблеми кои ги засегаат невладините организации кои преку разни проекти и грантови органиизираат панели, неформална едукација за млади и возрасни.
Такви проекти спроведувале од Метаморфозис особено во интернет просторот, Европската унија во образованието, движења за запирање на говорот на омраза и вулгарности на спортски натпревари како „Навивај без омраза“ како и Граѓанската организација ЦИВИЛ.
Под мотото „Патритизам да, национализам не“ во јули 2018 година, беше спроведен проектот на ЦИВИЛ, поддржан од Цивика Мобилитас.
ЦИВИЛ го спроведе проектот со цел да придонесе кон зајакнување на соживотот, подобрување на односите со соседите и кон забрзување на евро-атлантските инегративни процеси на Македонија.
Клучно прашање со кое ќе се занимаше проектот е фактот дека национализмот има девастирачки ефект врз интегративните процеси и врз целата земја воопшто. Проектот се спроведе во извонредно важен и деликатен момент за земјата, со оглед на фактот дека во тек беше засилен процес на решавање на спорот со името, како и крупни чекори во поглед на ЕУ и НАТО интеграциите.
По спроведената анкета како дел од проектот, на прес конфернција претседтелот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, изјави дека граѓаните сметаат дека национализмот генерално потекнува од политичките партии.
„Национализмот е себичност“, „Партиите се виновни за национализмот“, „Национализмот не звучи убаво“ се дел од одговорите на граѓаните во анкетите.
Меѓу другите проблематики, национализмот е дел и од публикацијата на ЦИВИЛ која беше промовирана кон крајот на 2018 година со наслов „ Губење на идентитетот или…?“. Самата публикација го таргетира индентитетот како еден од најважните сегменти во градење и развивање на едно општество, препознавање како посебно и специфично во однос на другите општества. А токму поради фактот дека во тој период беше очигледно дека македонското општество останува длабоко поделено по етнички, верски и политички линии, каде антизападниот сентимент се шири преку говор на омраза и лажни вести, а неретко и со директно насилство, ЦИВИЛ ја препозна потреба од отворање на индентитетските прашања.
ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ……или што да очекуваме…
По доаѓањето на власт на актуелната политичка гарнитура во 2017 година по низа турбуленции и низа грди случувања, владеачката партија СДСМ истапи со нов, охрабрувачки концепт под мотото „Едно општество за сите“. До каде е, како се развива и до каде ќе стигне е прашање на многу труд и време.
Градење општество за сите по европски правила, економски раст и повисоки плати, квалитетни услуги за сите, секој е граѓанин од прв ред, јакење на идентитетот на пат кон ЕУ, намалување на поделбите и и зголемување на довербата меѓу заедниците, се само дел од концептот на Владата за водење на државата кон некоја посветла иднина.
Активистката Стеријовска неодамна на Фронтлајн изјави дека три години не се малку за некои суштински промени и поместувања.
„Искрено, мислам дека не е рано за три години да очекуваме и системски промени. На пример во образованието, да поченеме заедно во школо да одиме. Апсурдно е Македонци и Албанци да одат во различни смени на училиште. Не сме во 19 век па да не се видиме за да не се испотепаме…..Она што декларативно се зборува, едно општество за сите, мислам дека веќе треба да „де факто“ да ги решаваме работите со одлуки, не со декларации. Треба да се занимаваме со образованието. Не да се занимаваме кој која смена оди на училиште, туку треба да се осврнеме на содржината, со што ги „храниме“ децата, како ги воспитуваме. Меѓу другото да се предизвика интерес да бидат љубопитни, не само децата, туку и ние, да бидеме заинтересирани за културата на другиот“, изјави Стеријовска.
Додека се работи и се чекаат плодовите од сработеното во изминатиот период, Фронтлајн Ве потсетува на две познати мисли: Првата е на генијалниот Алберт Ајнштајн која вели „Национализмот е детска болест. Сипаници кај човечкиот род“. Втората е на мирољубивиот Шарл де Гол и гласи: „Патриотизам е кога љубовта кон својот народ ја ставаш на прво место, национализам е кога примарна ти е омразата кон другите луѓе“.
Ивана Т. Зафировска