Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денеска во „Вила Водно“ прими припадници на Армијата, кои учествуваат во справувањето со пандемијата на Ковид-19.
Станува збор за припадници на Армијата, ангажирани во Дебар, Центар Жупа и во Куманово, во кризните подрачја на северната и на јужната граница и за обезбедување на објекти наменети за карантинско сместување, соопшти прес-службата на Кабинетот на претседателот.
Како Врховен командант горд сум на несебичните заложби на припадниците на Армија на Република Северна Македонија во справувањето со пандемијата на #COVID19.
Припадниците на Армијата, без исклучок, се секогаш меѓу првите што пружаат помош и поддршка во кризни ситуации, честопати помагајќи и во задачи што примарно се надлежност на други институции.
Денеска се сретнав со припадници на Армијата, ангажирани во Дебар, Центар Жупа и во Куманово, во кризните подрачја на северната и на јужната граница и за обезбедување на објекти наменети за карантинско сместување. Благодарност за вложените напори во справувањето со пандемијата, за покажаниот висок професионализам, дисциплина и посветеност во овие тешки времиња, напиша претседателот Пендаровски на Фејсбук.