Според последните податоци, во светот со новиот корона вирус досега се заразени вкупно 3.229.816 лица. Од нив починале 228.376, а оздравеле 1.006.988 луѓе.
– Шведската активистка Грета Тумберг започнува кампања со данска фондација, давајќи му поддршка на УНИЦЕФ во борбата против новиот корона вирус. Таа изјави дека „пандемијата на Ковид-19, исто како и климатските промени, влијае врз правата на децата“, оценувајќи дека пандемијата долгорочно ќе влијае врз младите, посебно кај најзагрозените.
– Новиот корона вирус се појави во 214 земји и територии низ светот и зарази над три милиони луѓе, но 33 држави и територии се уште немаат пријавено ниту еден случај. Меѓу нив се земјите Комори, Лесото, Таџикистан и малите островски земји во Тихиот Океан, како Науру, Кирибати и Соломонските Острови.
– Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека ќе ги консултира експертите дали да ја продолжи вонредната состојба во земјата, која е воведена на 16 април и треба да трае до 6 мај. Мерките за спречување на ширењето на новиот корона вирус во Јапонија се врз основа на убедување на граѓаните да останат дома, а компаниите да бидат затворени.
– Околу 100 милиони луѓе во градовите низ светот најверојатно ќе завршат во сиромаштија, оценуваат експерти за урбанизам, повикувајќи да бидат идентификувани ранливите групи и повеќе да се инвестира во сиромашните квартови.
– Пакистан го потврди најголемиот дневен раст на заразени случаи со корона вирус – 874. Вкупно се регистрирани 15.759 случаи на заболени, а 346 се починати. Земјата е во карантин, кој е продолжен минатиот викенд и ќе биде во сила најмалку до 9 мај.
– Јужна Кореја соопшти дека нема локални инфекции на Ковид-19, првпат во изминатите 72 дена. Има четири нови случаи на зараза, но сите се лица кои пристигнале од странство. Од почетокот на пандемијата во Јужна Кореја се потврдени 10.765 случаи на зараза, а 247 луѓе починале. Речиси 9.000 оздравеле.
– Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејсус изјави дека ќе собере експерти од Комитетот за итни случаи за да го проценат развојот на пандемијата три месеци од прогласувањето на глобалната здравствена опасност од новиот корона вирус.
– Во Холандија животот го загубија 4.711 лица од корона вирус, што е повеќе отколку во Кина, со што земјата стана десетта држава која ја надмина Кина по бројот на починати.
– Во САД досега се регистрирани најмалку 1.038.000 заразени лица со Ковид-19, а 60.876 се починати.
– Јужноафриканската Република (ЈАР) со 354 новозаразени случаи забележа најголем дневен пораст за заболени со Ковид-19.
– Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Светската здравствена организација дека и помогнала на Кина да ги прикрие размерите на пандемијата на Ковид-19 уште на самиот почеток.