Повеќето деца кои се позитивни на корона вирус, имаат благи симптоми и се опоравуваат целосно, но многу мал број развиваат редок инфламаторен синдром во некои држави, изјави Мајкл Рајан, директор на програмата на СЗО за управување со итни случаи.
Рајан ја коментираше изјавата на британските научници, дека Ковид-19 може да предизвика во некои случаи Кавасаки синдром кај децата. Тоа е ретко заболување, што се карактеризира со отекување на жлездите, осип на кожата и воспаление на крвните садови.
– Ова е ретка компликација, Ние внимателнo ги следиме сите тенденции, истакна Рајан и ги повика сите држави да собираат информации за вакви случаи.
Врската помеѓу Ковид-19 и кластери на ретка воспалителна болест кај децата, ја испитувале британски и италијански лекари.
На официјалната страна на Центарот за контрола на болести (CDC), како одговор на некои од најпоставуваните прашања во врска со децата и корона вирусот, стои дека симптомите на корона вирусот се слични кај децата и кај возрасните, но децата со Ковид имаат значително поблаги симптоми како треска, растечен нос и кашлица. Повраќање и дијареа исто така се сметаат за симптоми на болеста. Сѐ уште се истражува дали деца со дополнителни претходно констатирани дијагнози спаѓаат во групи со поголем ризик.
Три новороденчиња во САД се лекуваат од редок воспалителен синдром, сличен на оној во Велика Британија и Италија, а слични случаи има и во Шпанија.