Нема „национална физика“, „национална хемија“, „национална биологија“ (освен кај фашистите, ама тоа е квазинаука), „национална социологија“ или „национална психологија“ или „национална“ медицина или математика.
Зошто историјата би била исклучок од правилото дека научните дисциплини по дефиниција се универзални и сеопфатни?
Природните науки се обидуваат да ги откријат закономерностите на целата природа, кои важат во целата вселена без разлика на национални граници. Општествените науки или однесуваат на целото човештво или не се научни.
Нема дури ни „национална“ археологија, бидејќи во тој случај ненаучно би требало наместо да ги ископува и чува сите артефакти, би морало да ги игнорира или уништува сите откритија кои не се вклопуваат во политички одобрениот наратив за нацијата. А тоа е ненаучно.
Дисциплина што не е научна, а се занимава со раскажување може да биде дел од литературата, или пак од политичката пропаганда.
Откако постои науката во модерна смисла (oд Annus mirabilis, 1543 г.), едно е јасно: кога идеолошките/политичките влијанија се мешаат во научното настануваат трагедии.
Понекогаш од страна гледано тие случувања изгледаат како апсурдни трагикомедии, на пример разните идентитетски спорови со „својатање“ на имиња и личности. (Ама на луѓето кои заради тоа губат животи, здравје или шанси за просперитет, ич не им е смешно.)
Тоа не е ендемично само за Балканот, но и интересно е и дека во регионов имаме и посебен збор за политичкиот акт на „присвојување строго цензурирани/прочистени верзии на приказни за личности, настани и други нешта од историјата“ во рамки на националистичките идеологии со што „науката“ сосем неприкладно се меша не само со практики од издаваштвото, туку и (сосем неприкладно за нешто што би морало да биде дел од светското, заедничко културно наследство) со сферата на авторски права и заштитени трговски марки.
Ако нешто покажа пандемијата, тоа е дека случувањата со историско значење не може да се изолираат или зачаурат во рамки на држави. Дури ни кога тие држави се сметаат за нации-држави во смисла како што ги идеализирале идеолозите од XIX век.
Фејсбук пост на ФИЛИП СТОЈАНОВСКИ